Британската поп-ѕвезда Адел ќе изнесе сè на виделина за лансирањето на својот нов албум „30“ во интервју со Опра Винфри, а ќе говори и за сите шест години кога беше далеку од очите на јавноста.
Тоа ќе изгледа многу слично на фамозното интервју на медиумската икона со принцот Хари и Меган Маркл, војводата и војвотката од Сасекс.
Интимната исповед на Aдел кај Опра ќе биде настан што британските медиуми го нарекоа потсетување на разговорот на Опра со Хари и Меган.
„Си-би-ес“ ќе ja емитува двочасовната емисија на 14 ноември, само пет дена пред објавувањето на долгоочекуваниот четврти студиски албум на британската пејачка текстописец. Покрај интервјуто, ќе има и концертна изведба што ќе биде најрана можност за голем дел од светот да го слушне сосема новиот материјал на Адел.
Емисијата ќе се снима во Лос Анџелес и ќе вклучува нејзини хитови и неколку нови песни. Проектот е најавен како „прв телевизиски разговор на Адел за нејзиниот нов албум, приказните зад песните, животот по разводот, губење на тежината и растењето на својот син“.
А според „Варајати“, Адел и Опра ќе седат на истото место каде што Меган и Хари го дадоа своето интервју во март, во градината со рози на популарната водителка.