Загадувањето од издувните гасови на автомобилите е една од главните теми, особено кога концентрацијата на отровни материи во воздухот ќе порасне. Автомобилските компании преминуваат на електрични модели за да ги намалат емисиите, ги укинуваат дизелите, но новите истражувања покажуваат дека автомобилите имаат и многу други загадувачи, а некои се и до 1.000 пати полоши од издувните гасови.

Автомобилските гуми се еден од најголемите загадувачи и нивното негативно влијание врз природата би можело да биде и до илјада пати полошо од издувните гасови, покажува истражувањето на компанијата „Емишн аналитикс“, водечка независна институција за научно испитување на загадувањето во сообраќајот.

Со истражувањето е утврдено дека штетните честички што ги испуштаат автомобилските гуми стануваат сѐ поголема еколошка опасност. Таа дополнително расте со оглед на тоа што во автомобилската индустрија и на пазарот расте трендот на продажба и производство на СУВ-возила. Исто така, кон тоа придонесуваат и новите електрични возила, кои се потешки од оние со класичен мотор на бензин или дизел.
Посебен проблем е што во оваа област, за разлика од емисијата на издувни гасови, не постојат никакви критериуми ниту прописи во врска со загадувањето.

Според последните стандарди, емисијата на издувни гасови е лимитирана на 4,5 милиграми штетни честички по километар, а загадувачките честички што потекнуваат од гумите може да достигнат и 1.000 пати повеќе, покажува ова истражување. Загадувањето од гумите го влошуваат и лошите патишта, недоволно напумпаните гуми или гумите со лош квалитет.

– Можеби е време, покрај стандардите во загадувањето од издувни гасови, да воведеме и стандарди што се однесуваат на загадувањето од гумите или кочниците. Првите наши тестови покажуваат шокантно ниво на загадување од гумите. Уште пострашно е што оваа област е целосно нерегулирана, а загадувањето што го предизвикуваат автомобилите, кое не потекнува од издувни гасови, дополнително ја зголемува големата побарувачка за СУВ-возилата, но и за новите електрични возила – вели истражувачот Ричард Лофтхаус.

Истражувачите предупредуваат дека краткорочните мерки со кои може да се намали ова загадување се: доволно да се пумпаат пневматиците, да се намали тежината на возилото и да се користат поквалитетни гуми.