Половина Австријци минатата година поради пандемијата се откажале од одмор, но оваа година речиси сите сакаат да заминат на летување. Секој четврти Австриец годинава сака да се одмори повеќе од две недели, покажуваат анкетите на јавното мислење. Половина од вработените велат дека итно им е потребна пауза.

Многу австриски граѓани истакнуваат дека по повеќе од една година вонредна состојба, тие ја изгубиле мотивацијата.

Една третина изјавиле дека лани отсуствувале од работа помалку време, а 17 % велат дека воопшто не користеле одмор.

– Поради зклучувањето и ограничувањата за патување, многу вработени не заминаа на одмор, а некои беа принудени да го искористат – објаснува шефот на порталот „кариере“, Георг Коњовиќ.

Според него, раководниот персонал мора да посвети внимание на тоа нивните вработени да имаат доволно слободно време.

Кога станува збор за плановите за патување, актуелните мерки во светот, според 51 процент од Австријците, влијаат врз планирањето на годишните одмори.

Така, 44 отсто планираат летен одмор во Австрија, а 56 отсто сакаат да заминат во странство.

– Веднаш штом ќе се обнови меѓународниот патнички сообраќај, многу вработени ќе заминат на годишен одмор, односно ќе ги користат неискористените слободни денови, а компаниите треба да бидат подготвени за тоа – вели Коњовиќ.

Тој исто така посочува дека 37 отсто од вработените ќе одмораат повеќе од две недели.