Жителите на малото австриско село Фукинг гласаа за промена на името откако претрпеа несакано внимание од туристите од англиското говорно подрачје. Догодина, селото со 100 жители во близина на германската граница ќе го носи името Фугинг, пишуваат австриските медиуми.

– Можам да потврдам дека селото се преименува. Навистина не сакам да кажам ништо повеќе – во минатото имавме доволно медиумско лудило за ова – вели Андреа Холцнер, градоначалник на Тарсдорф, општина во која се наоѓа селото.

Туристите од англиското говорно подрачје сè повеќе доаѓаат во Фукинг за да се фотографираат со сообраќајната табла со името на селото. Некои дури прават зачудувачки безобразни пози пред таблата, за да ги споделуваат на социјалните мрежи.

Наводно, биле украдени и патоказите, што ги натера властите да вградат нови со бетон за да ги одвратат туристите од кражбите.

Мапа од 1825 година го покажува името на селото Фукинг, но некои експерти веруваат дека името датира од 11-от век.