Австралија се прости од својот мускулест херој

Мускулестиот кенгур Роџер умре на 12-годишна возраст во засолништето „Алис Спрингс“ во Австралија. Кенгурот Роџер стана популарен во 2015 година откако негова фотографија, на која тој со леснотија витка метална кофа со шепите, се прошири на социјалните мрежи, пренесува „Гардијан“.

Смртта на кенгурот, што тежеше 89 килограми и достигнуваше висина од 182 сантиметри предизвика голема тага кај повеќе од 1,3 милиони обожаватели на социјалните мрежи.

– Тој секогаш предизвикуваше насмевка на моето лице – напиша австралиската пејачка Натали Имбрулија.

Мајката на Роџер настрадала по удар на автомобил во близина на „Алис Спрингс“ во 2006 година, но на Роџер му се насмевнала среќата кога основачот на засолништето Крис Барнс му дал нов дом. Барнс објаснува како Роџер го инспирирал за да го изгради засолништето за кенгури.

– Роџер стана кенгур кој е препознатлив и сакан ширум светот. Тој живееше долг и удобен живот и беше сакан од милиони луѓе – вели Барнс.

Засолништето за кенгури честопати споделуваше слики и видеа на социјалните мрежи од Роџер, на кои тој беше прикажан како боксува и ги покажува своите мускули. Сепак, во неговите повозрасни години тој стана помалку агресивен и дозволуваше на вработените од засолништето да му приоѓаат.