Австралискиот премиер Скот Морисон стана објект на потсмев на социјалните мрежи откако членовите на неговиот кабинет ја фотошопирале неговата семејна фотографија, но на тој начин што се чини дека има две леви нозе.

На фотографијата која го прикажува Морисон со сопругата и двете деца, а која требало да биде поставена како официјална слика на неговата интернет страница, премиерот носи блескаво бели патики, но обете се за лева нога.

Лицето што во Фотошоп ја уредувало фотографијата имало благородна цел, старите „адидас“ патики на премиерот да ги замени со нови.

Фотографијата за кратко време предизвика бурни реакции на социјалните мрежи на кои корисниците се шегуваа на сметка на Морисон.

Портпаролот на премиерот рече дека тој не ја авторизирал фотографијата, а на Твитер се огласи и Морисон, во обид да ја намали „штетата“, со оглед на изборната кампања која следи наскоро.

Во објавата напишал дека неговиот персонал, кога веќе се решил за Фотошоп, наместо патиките, можел да ја фотошопира неговата коса.