Австралискиот голем корален гребен, најголем од таков вид на светот, поради зголемената температура во текот на летните месеци, третпат во последните пет години се соочи со бледнеење на коралите, објави Би-би-си.
Гребенот што се протега на 2.300 квадратни метри и кој поради својата важност е прогласен за светско природно наследство, на сличен начин беше оштетен во 2016 и 2017 година, а последниве месеци почна да заздравува од лошите еколошки услови.
Научниците предупредуваат дека овој процес на глобално затоплување е толку раширен што предизвикува сериозна и долгорочна штета за биодиверзитетот.

– Поради климатските промени, овие екстремни случаи имаат поголеми димензии и се случуваат почесто, со што штетата секогаш е сѐ поголема – предупреди Дејвид Вахенфелд, еден од водечките стручњаци во оваа област, за Би-би-си.
Како потсетување, глобалната температура последниве години е зголемена за 1 степен Целзиусов во споредба со периодот пред индустријализацијата, а Обединетите нации предупредуваат дека доколку температурата се зголеми за 1,5 степен дури 90 отсто од сите корали на светот ќе бидат уништени.