Популарниот филм на Џејмс Камерон, „Аватар“, го надмина „Одмаздници: крај на играта“ и повторно се најде на врвот на листата на филмови што заработиле најмногу пари во киносалите низ светот.
„Аватар“ го држеше рекордот како филм со најголема заработка од неговата премиера во 2009 година до април 2019 година, кога го престигна „Одмаздници: крај на играта“
Филмот за суперхероите за влакно го надмина филмот на Камерон, заработувајќи 2,79 милијарди долари, додека „Аватар“ го држеше рекордот со 2,78 милијарди долари.
Но кон крајот на минатата недела се случи пресврт. Имено, „Аватар“ беше прикажан во киносалите во Кина, каде што заработи нешто повеќе од 3 милиони долари, што го врати на првото место, затоа што сега има вкупен профит од околу 2,80 милијарди долари.
Продуцентот на „Аватар“, Џон Ландау, истакна дека филмската екипа е многу задоволна од фактот што повторно се на првото место, но исто така и дека се многу среќни со фактот што филмот успешно се прикажуваше во кино и покрај пандемијата на ковид-19.