Според Лу Рид, рок-музиката не е само забава, туку и нешто многу повеќе. Религија со голем број следбеници, конечно пронајден пат на спасот, поплочен со гитара, бас и тапани

Лу Рид е маркантна фигура на супкултурата. Важи за еден од првите и највлијателни музичари и спаѓа меѓу оние што во темелите на рок-културата го вградија влијанието на припадниците на бит-генерацијата, од чии дела се пробиваше еден вид губитнички индивидуализам, кој и самиот цел живот ќе го негува. Да се потсетиме, 1960-тите се епоха на создавање нови можности. Создавање нова свест за уметноста. Време исполнето со спонтаност, но и со многу импровизации. Време на нова уметност, нова самосвесна култура. Таа се надградуваше врз делата на бит-генерацијата: Алек Гинсберг („Завивање“) и Џек Керуак („На патот“). Од нив, и слични на нив дела, корифеите на рок-културата стекнуваа свест, која со својата содржинска и експресивна ширина, популарната култура ќе ја претвори во субверзивно оружје.

Рок-музиката на Лу Рид за мене отсекогаш била заводлива длабочина на кадифеното музичко подземје. Тој беше еден од раните рок-поети, кои рокенролот го извадија од неговите куси панталони и му ја наметнаа романтичната, слободарска и бунтовничка одора, во која ќе ја изврши светската музичка револуција. На тоа упатуваше и неофицијалното кредо на херојската декада на рокенролот, од 1966 до 1976 година. Според него, рок-музиката не беше само забава, туку и нешто многу повеќе. Религија со голем број следбеници. Конечно пронајдениот пат на спасот поплочен со гитара, бас и тапани. Сите создадени хитови на рок-музиката од овој период испраќаа пораки за ослободување на умот, душата и телото.

Токму тогаш Лу Рид, преку својата рок-поезија, наместо политички коректен ескапизам, ни понуди патување во срцето на темнината. Наместо излитени љубовни фрази, нѐ даруваше со гневни поетски трактати. Наместо само музика, тој понуди опасна и субверзивна провокација. Неговите песни, во најголема мера, беа политички некоректни и морално дубиозни. Така, „I’m waiting for my man“ е сексуално амбивалентна песна, но и неверојатно панкерски жестока. А песната „I’ll be Your mirror“, пак, е чудесно езотерична и на посебен начин заводлива. Заедно со нумерата „Femme Fatale“, спаѓаат во најубавиот опус на песни напишани од Лу Рид, изведени од „Велвет андерграунд“, а посветени на мистичната и неодолива германка Нико, вокалистката на групата.

Овој генијалец е познат и по својата деструктивна поезија, чиј врв го достигна со нумерата „Хероин“, која е беспоштедно деструктивна, а истовремено и автобиографска исповед на Рид. Тој започна да го пишува својот рок-манифест со неговата поетско-музичка суровост, карактеристична за него и посебно изразена во песните од првиот албум на „Велвет андерграунд“, наречен едноставно „Velvet underground & Nico“. Овој албум го направи еден од најхрабрите рок-поети и го вброи во друштвото на генијалци од типот на Џон Ленон, Пол Макартни и Брајан Вилсон – креативци што повторно го разбудија рокенролот и го вратија кон неговите корени.

Знаеме дека рокенролот на почетокот беше само покана за игра. Подоцна и покана за размислување. А кога напред наведените рок ѕвезди го достигнаа својот зенит, заедно со Боб Дилан, Џими Хендрикс, Џим Морисон, Леонард Коен, Дејвид Боуви и Нил Јанг, нивниот рокенрол веќе беше покана за бунт. Тоа беше период кога Лу Рид го читаше Шпенглер и беше убеден во пропаста на западната цивилизација. Брајан Вилсон од „Бич бојс“ го проучуваше Кестлер и длабоко загази во метафизика. Ленон, пак, сакајќи да укаже на забеганоста на државниот естаблишмент и неговата уништувачка деструктивност, ја употреби метафората дека „Битлси“ се пославни од Исус и никој не го сфати тогаш, а подоцна веќе беше доцна.

Тоа беше новиот дух на времето. Во тоа време и во тој контекст се појави составот „Велвет андерграунд“, предводен од креативниот Лу Рид. Чудна е нивната историја. На 11 декември 1965 година го одржаа првиот концерт во една училишна сала во Њујорк. Веќе следната година свират во кафето „Бизар“ каде што се среќаваат со Енди Воркхол. Овој попарт-уметник ги зема под свое, станува нивен менаџер и ги носи во неговото креативно студио „Фабрика“. Доколку кафето „Бизар“ беше бизарно место, „Фабрика“, му припаѓаше на некој друг свет. Тоа беше место во кое фотомодели, актери, поети, сликари и музичари ги сонуваа и очекуваа своите 15 минути слава. Токму во тоа студио, под патронат на попарт-уметникот Енди Воркхол, „Велвет андерграунд“ стана атрактивна артрок-група. Чиста авангарда.

Искрен идеолог и страстен проповедник беше Лу Рид, а мисионер што ја ширеше новата вера (уметничка и музичка) беше Енди Воркхол. Лу Рид ја создаваше својата рок-поезија, а бендот ја изведуваше како мултимедијален перформанс во кој имаше елементи на театар, филм и многу светлосни ефекти. Секако и моќна музика. А таква е и музиката од напред споменатиот албум на оваа група, кој е легендарен, историски и концептуален и изврши големо влијание во музичкиот свет.

Историски, поради пробивот на попартот во рок-музиката со жолта банана на бела подлога (насловна страна на албумот). А концептуален, бидејќи рок-музиката ја издигна на ниво на уметност. На почетокот „бананата“, како концептуална уметност, не беше доволно перципирана. За една година албумот ќе го купат само околу 10.000 музички обожаватели, кои според најпознатата музичка урбана легенда, сите до еден, ќе создадат свои бендови. Е, затоа „Велвет андерграунд“ е прогласена за највлијателна група во музичката историја, а Лу Рид за еден од најмоќните рок-поети. Потврда за тоа се и неговите албуми „Transformer“ – што е негов висок музички сјај и „New york“, негов тестамент, со моќни, убедливи и жанровски чисти рок-песни. Сите до една возбудливи градски приказни. Песни што на Големото Јаболко му даваат идентитет и душа.

Сотир Костов