По речиси четири децении, членовите на една од најдобрите светски поп-групи „АББА“, како подарок за своите обожаватели, кои и покрај тоа што бендот не е активен три децении постојано ги поддржуваат, одлучија да снимат нови песни.
Во видеото споделено на фан-страницата „Аба ток“, еден од членовите на популарниот квартет Бени Андресон, одговора на прашањето што се случува со песните што ветиле дека ќе ги снимат во 2018 година.

– Доаѓаат. Песните ќе бидат готови оваа година. Претпоставувам по летото. Не треба да се ветува ништо, но ако јас решавам сам, тоа би било септември. Не можам сам да донесам одлука, но тоа е месецот кон кој целиме – рекол Бени.
Пред речиси две години Бени Андерсон, Бјорн Улвеус, Агнета Фелтског и Ани-Фрид Лингстад соопштија дека станува збор за песните: „I Still Have Faith in You“ и „Don’t Shut Me Down“, кои ќе бидат дел од проектот „Аватар турнеја“.
– Одлуката да се оди напред со возбудливиот проект – турнеја на аватарите во „АББА“ – имаше позитивни последици. Сите четворица сметавме дека, по 35 години, би било забавно повторно да ги здружиме силите и да влеземе во студио за снимање – изјавија во таа пригода членовите на „АББА“.

Инаку, шведскиот бенд имаше девет број еден хитови во Велика Британија меѓу 1974 и 1980 година, одржа голем број концерти и продаде стотици милиони албуми во целиот свет.