Славната шведска музичка група АБА објави дека снимила нови песни по пауза од 35 години, пренесуваат светските медиуми.

Четиричлениот состав што порададе стотици милиони плочи низ светот во текот на кариерата, соопшти дека снимил две нови песни, преку социјалната платформа „Инстаграм“.

– Сите сметавме дека би било забавно повторно да ги здружиме силите и да влеземе во музичко студио. Па го сторивме тоа. Се чувствуваме како времето да застанало и како да сме биле на краток одмор. Ова беше исклучително радосно искуство! – се наведува во објавата на групата.

Една од новите песни, насловена „Уште имам верба во тебе“, ќе се емитува на телевизија во декември.

Песните се снимени за потребите на телевизиски проект во рамките на кој членовите на АБА, кои ќе бидат претставени како компјутерски ликови, ќе ги изведуваат нивните песни во двочасовно шоу.

Групата е формирана во 1972 година, а се прослави со победата на Евровизија во 1974 година со песната „Waterloo“.