Џеј Ло, Хенкс и имагинарниот Хитлер блеснаа во Торонто

84
Џенифер Лопез

Фестивалот во Торонто траеше десет дена, а веќе на големо се шушка за веројатните номинации за „оскар“ за две големи актерски величини. Најпрвин тука е прекрасната Рене Зелвегер, како Џуди Гарланд во емотивната биографска драма „Џуди“, а веднаш до неа е и Жоакин Феникс, кој е маестрален во „Џокер“

Џенифер Лопез како стриптизерка, Том Хенкс како Фред Роџерс, омилениот телевизиски презентер во емисии за деца, и Таика Ваитити како Хитлер се само три од многуте желно очекувани актерски изведби што гледачите имаа можност да ги проследат на годинешниот Филмски фестивал во Торонто, кој заврши вчера. Минатата година токму тука беше одржана премиерата на „Зелената книга“, делото што подоцна се закити со престижниот „оскар“ за најдобар филм. Торонто е арената на која ѕвездите се борат за што подобри позиции, надевајќи се дека би можеле да добијат важна поддршка во трката за награди.

Меѓу многубројните филмови што се очекуваа со големо нетрпение на овој фестивал е, секако, драмата „Измамнички“, базирана на вистинити настани, во која Џенифер Лопез, Констанс Ву, Лизо и Карди Би глумат итри стриптизерки, кои ги ограбуваат своите богати клиенти. Овој филм навремено најавува и номинација за „оскар“ за актерското остварување на Лопез.

– Чинам дека луѓето забораваат колку талентирана актерка е Џенифер. Бев многу возбудена што таа ќе ја има главната улога во филмот. На некој начин, улогата како да е скроена за неа, но исто така таа може да биде и своевидно минско поле – изјави за магазинот „Варајати“ сценаристката и режисерка Лорин Скафарија.

„Измамнички“ е еден од многуте филмови на овој фестивал што се режирани од жени. Мариел Хелер, режисерката на „Ќе ми простиш ли некогаш?“, доаѓа во Торонто со својот најнов филм – автобиографската драма „Прекрасен ден во соседството“, каде што оскаровецот Том Хенкс го глуми господин Роџерс, омилениот американски ТВ-водител, музичар, продуцент и свештеник. Тука е и драмата за животот на црнечката активистка за ослободување од ропството Хариет Тубман, водена од режисерската палка на Кеси Лемонс, а во главната улога настапува Синтија Ериво. Режисерката на „Персеполис“, Марјане Сатрапи, овој пат се претставува со филмската биографија на Марија Кири (Розамунд Пајк), со наслов „Радиоактивна“. Во ова женско друштво спаѓа и драмата „Пријателката“, во која главните улоги ги имаат Кејси Афлек и Дакота Џонсон, а режисерскиот потпис е на Габриела Копертвајт.

Можеби филмот што предизвика најголема љубопитност на овој фестивал е остварувањето на новозеландскиот филмаџија Таика Ваитити, познат по вампирската комедија „Што правиме во сенките“ и неодамнешниот „Тор: Рагнарок“. Неговиот најнов филм за кој сите зборуваат е „Зајакот Џоџо“, комедија чие дејство се случува за време на Втората светска војна, опишан е како „сатира против омразата“ и зборува за едно младо момче што се спријателува со имагинарниот Адолф Хитлер (го глуми самиот режисер Ваитити).

– Се разбира дека знам да повлечам граница. Секогаш постои граница. Но кога се работи за мене, чинам дека лесно ја наоѓам – што е тоа што би ме посрамотило пред публиката? Ако има нешто такво, нема да го вклучам во филмот. Во случај да сметам дека сцената е несоодветна или неумесна, едноставно се повлекувам – рече Ваитити, кога беше прашан за евентуалните контроверзни оцени на критичарите.

Во филмот глумат и Скарлет Јохансон, Сем Роквел и Ребел Вилсон.

Торонто беше домаќин и на премиерата на „Трнарче“, долгоочекуваната филмска адаптација на романот на Дона Тарт, за кој таа ја доби наградата „пулицер“. Режисер е бруклинецот Џон Краули, а во главната улога настапува Ансел Елгорт. Приказната зборува за еден млад човек што треба да се справи со смртта на својата мајка, убиена во експлозија. Дел од актерската екипа се и Никол Кидман, Сара Полсон и Џефри Рајт.
Режисерот на „Ѕвездени војни: последниот џедај“, Риан Џонсон, го претстави својот детективски трилер „Наострени ножеви“, посветен на легендарната Агата Кристи, во кој се собрани голем број актуелни актерски величини. Тука се Даниел Крег, Џејми Ли Кертис, Кристофер Пламер, Тони Колет, Дон Џонсон и Крис Еванс, како и неколку млади и надежни актери.

– Сѐ започна со Даниел Крег, тој беше првото парче од сложувалката, нешто како централно делче, кое идеално се вклопи во целината. Веднаш штом го ангажиравме него, филмот некако почна да живее, па тргнавме да преговараме со сите овие неверојатни актери, велејќи им: Еј, би сакале ли да дојдете во Бостон и лудо да се забавувате снимајќи филм за мистериозно убиство? Навистина имавме голема, голема среќа – изјави Џонсон за британскиот неделник „Обсервер“.

Откако во 2017 г. доби бурни аплаузи од публиката на премиерата на својата филмска сатира „Смртта на Сталин“, Армандо Јанучи годинава се врати на фестивалот во Торонто со адаптација на романот на Чарлс Дикенс, насловена „Приватниот живот на Дејвид Коперфилд“ со Дев Пател во главна улога. Јанучи го нарече „филм за сочувство, хумор, благородност и пријателство.“

Други британски филмови на фестивалот беа „Обична љубов“ со Лиам Нисон и Лесли Менвил, кои глумат брачна двојка што се бори со карциномот и сѐ што тој носи со себе, како и „Алчност“ на Мајкл Винтерботом, одлична сатира за светот на милијардерите, со Стив Куган во главна улога.

Фестивалот во Торонто траеше десет дена и се одржува по оние во Венеција и Телурид (Колорадо), на кои веќе на големо се шушкаше за веројатните номинации за „оскар“ за две големи актерски величини. Најпрвин тука е прекрасната Рене Зелвегер, како Џуди Гарланд во емотивната биографска драма „Џуди“, а веднаш до неа е и Жоакин Феникс, кој е маестрален во „Џокер“ – трагикомичната животна приказна на кловнот Артур Флек, чија личност полека се трансформира во озлогласениот негативец од Готам. И двата филма се дел од програмската шема на канадскиот фестивал. В.Б.Н.