Ќе се реставрира вечното почивалиште на Тоше Проески во Крушево

1241

Општината Крушево денеска ќе почне со активностите за изработка на проект за изградба на достоен вечен дом на Тоше Проески на Гумење. Крушевскиот градоначалник Томе Христоски информира дека Владата донела одлука за одобрување и префрлање средства од Министерството за култура на сметката на општината Крушево.

– Владата на Р. Македонија на последната седница донесе одлука и програма за доделување средства, кои ќе бидат префрлени од Министерството за култура во општината Крушево за изградба на спомен-обележје, достоен вечен дом на нашата музичка поп-икона, сограѓанин и другар Тоше Проески. Активностите за изработка на проект почнуваат денеска – вели Христоски.

Реставрацијата на гробното место на музичката легенда беше најавена уште лани, во ноември. Тогаш Владата информира дека преку проект обезбедила 150.000 евра за таа намена. Инаку, обожавателите на Тоше од Македонија, регионот и пошироко, постојано апелираа до надлежните неговото вечно почивалиште конечно да добие изглед како што заслужува ѕвезда каква што беше Тоше Проески.

– Бекатон-плочките не ја издржуваат тежината на илјадниците посетители, кои сè уште доаѓаат да му се поклонат на великанот. Тоне и земјата над гробот, која невешто ја покрива теписон со вештачка трева. Металната конструкција од неколку квадратни метри полека попушта пред често силниот ветер, кој струи низ пластичниот плексиглас, со кој е обвиен овој мавзолеј – велат верните поддржувачи на ликот и делото на нашиот најпознат пејач.