Ќе го доживееме Скопје низ музика, фотографија и литература

54

Од 20 до 22 март во МОБ традиционално ќе се одржи настанот што ги слави уметноста, неконвенционалноста и убавината на живеењето

Пролетна возбуда, нови почетоци, разигрување на духот и целосен пролетен хедонизам… Градот повторно се буди, најавуваат организаторите на четвртото издание на „Фешн енд лајфстајл експо“. Од 20 до 22 март во МОБ традиционално ќе се одржи настанот што ги слави уметноста, неконвенционалноста и убавината на живеењето.

– Фоајето на МОБ ќе биде преплавено со иновација и естетика – од дизајн на автомобили, ексклузивен мебел, накит и модни додатоци, моден дизајн, луксузна козметика за дамите и уникатни додатоци за господата, па до егзотична храна и пијалаци – велат организаторите од „Моментум инк“.

Како и секоја година, тимот на „Моментум инк“ внимателно ја креира програмата за да им дадат простор на младите креативци да ги доближат своите автентични идеи до публиката.

– Оваа година, главна тема што ќе се проткајува низ настанот е градот Скопје – единствениот град во Македонија што им припаѓа на сите. Скопје во неговото минато, сегашност и иднина. Идејата е да ги прославиме убавите работи на нашиот главен град, да дадеме акцент на проблемите со кои се сочуваме, да направиме илустрација и да прераскажеме што е она што секојпат ни буди чувства и спомени, да ѝ дадеме акцент на искрата на нашиот главен град што неуморно се бори со сето сивило – додаваат од „Моментум инк“.

Како што информираат тие, ќе го доживееме Скопје низ призмата на музиката, фотографијата и литературата.

– Сево ова на пет различни сцени, пет целосно нови света со над 40 учесници во програма што го вади најдоброто од дизајнот, уметноста и убавината. Покрај нив, и галеријата на МОБ ќе биде збогатена со уметнички дела од седум учесници. За да биде доживувањето целосно, во вечерните часови МОБ ќе се претвори во вистински подиум – нѐ очекува забава со локалните музичари и диџеи – соопштија организаторите