Љубовното писмо на Џони Кеш до сопругата Џун – најубаво на сите времиња

303

Писмото на Џони Кеш, упатено до неговата сопруга, Џун Картер Кеш, според една неодамнешна анкета, е прогласено за најубаво љубовно писмо на сите времиња. Напишано е 1994 година, за нејзиниот 65-ти роденден.

„Среќен роденден принцезо, станавме постари и се навикнавме еден на друг.

Размислуваме слично. Си ги читаме мислите. Знаеме што сака оној другиот и без прашање. Понекогаш малку се нервираме еден со друг, а некојпат буквално ги сфаќаме зборовите што си ги упатуваме. Но понекогаш, еве како денес, размислувам за тоа и сфаќам колку сум среќен што го делам својот живот со најдобрата жена што кога било сум ја запознал. Ти и натаму ме фасцинираш и ме инспирираш. Ме правиш подобар. Ти си предмет на моите желби и главна причина за моето постоење. Многу те сакам.

Среќен роденден, принцезо. Џон“, напишал познатиот американски музичар.
Двојката се венчала 1968 година и биле во брак повеќе од 30 години, додека смртта не ги раздвоила. Џун умрела во мај 2003 г., а Џони починал четири месеци подоцна.

Меѓу љубовните пораки што се нашле на листата на најубавите, се наоѓа и писмото што Ричард Бартон ѝ го напишал на Елизабет Тејлор во 1964 година, во кое тој вели:
„Моите слепи очи очајнички чекаат да те видат. Секако дека не разбираш Елизабет, колку фасцинантно убава си била отсекогаш и колку чудно ја стекна таа дополнителна, специјална и опасна привлечност“.

И Винстон Черчил во писмото упатено до неговата сакана сопруга Клементина Черчил, напишано 1935 година, е многу емотивен и искрен.

„Во своето писмо од Мадрас ми напиша зборови што ме трогнаа, за тоа колку сум го збогатил твојот живот. Не можам да ти опишам колку ме усреќи тоа. Кога би постоеле љубовни сметки, засекогаш би ти останал должен… Како се чувствувам што сите овие години живеам во твоето срце – нема зборови што тоа можат да го изразат“, напишал славниот политичар.

И писателот Ернест Хемингвеј се најде на овој список, со писмото упатено до холивудската глумица Марлен Дитрих, од 1951 година. „Не можам да објаснам како секогаш кога ќе те прегрнам, се чувствувам како да сум бил дома. Не можам да разјаснам ни многу други нешта, но секогаш сме биле весели и ведри кога сме заедно“. Славниот француски војсководец Наполеон Бонапарта, во своето писмо до Жозефина де Боарне, од 1796 година, исто така не ги крие своите искрени чувства кон неа, по една нивна разделба. „Откога те напуштив, константно сум депресивен. Мојата среќа е да бидам близу тебе. Постојано се потсетувам на твоите милувања, на твоите солзи и твојата нежна загриженост. Шармот на недостижната Жозефина продолжува да го разгорува сјајниот пламен во моето срце“.

Многу години подоцна, најславниот гитарист на светот Џими Хендрикс, напишал писмо до некоја непозната девојка.

„Мала девојко, среќата е во тебе. Скрши ги оковите на твоето срце и дозволи си себеси да пораснеш, како сладок цвет, каква што и си. Јас го знам одговорот. Само рашири ги крилјата и ослободи се. Те сакам засекогаш, Џими Хендрикс“.