Јубилеј – 15 години „Амфора“

142

Денеска и утре со пригодни активности во Охрид се одбележува 15-годишниот јубилеј на нуркачкиот центар „Амфора“.

– Нуркачкиот центар „Амфора“ слави еден мал јубилеј, така барем ние го третиравме, но кога почнавме да чепкаме по некои материјали за да ги изложиме на самата презентација, видовме дека ќе ни требаат всушност неколку дена за да ги претставиме нашите активности – подводни истражувања, обуки на припадниците на МВР, МО или Црвениот крст, односно уште многу подводни активности. Сепак, поентата ја ставаме на едукација на нуркачи и организирани групи. Слободно можам да кажам дека последниве години се бележи подем на заинтересираност за нуркање, па во овој период имаме најголем број нуркачи што ги обучуваме, споредено со поранешните години. Ние сме препознаени во домашната и во меѓународната јавност по она што го работиме – чистење на Охридско Езеро со над десетина чистења, по подводни археолошки истражувања, претежно во Градиште, но и на други места, како Преспа или Врбник кај Струга. Во соработка со „Нова Македонија“ го издадовме првото ДВД „Подземниот свет на Охридско Езеро“, кога читателите како подарок добија 10.000 примероци од тоа ДВД. Би истакнал дека го промовиравме документарниот филм „Танцот со пастрмките“, а јавноста нѐ препознава особено по новогодишното китење на елката на дното на езерото. Се разбира, имаме уште многу активности, но да оставиме нешто и за нашата презентација во рамките на прославата – ни рече Милутин Секулоски, инструктор-тренер од нуркачкиот центар „Амфора“. Тој е познат не само по своите видеа, подводни фотографии и филмови, туку и по екоакциите за чистење на Охридско Езеро од механички отпад, како и по единствениот зафат на пренуркување на целиот периметар на Охридско Езеро, каде што со својата камера забележал единствени и уникатни кадри не само од уметнички карактер, туку и со научноистражувачки потенцијал.

Инаку, во рамките на денешните активности по повод јубилејот, присутните ќе имаат можност да слушнат за големиот број активности на „Амфора“, кои ги одбележаа изминатите 15 години, за новините во ССИ, за хипербаричната оксигенација, при што ќе се обратат членови на охридскиот нуркачки клуб. Во продолжение, ќе зборуваат и нивни гости-соработници од странство – Мирко Бевења, инструктор од нуркачкиот клуб „Тритон“ од Белград, кој има конструирано ребридер, нуркачки апарат што работи на мешавина од гасови, како и Кристијан Холфелдер, регионален претставник на „Скубапро“, една од најквалитетните фирми за производство на нуркачка опрема, кој ќе ја презентира новата опрема за 2020 година.

Активностите по повод јубилејот продолжуваат утре, за кога е закажано нуркање со бродот „Александрија“.