Јосипа Лисац со своите песни го спои времето

1098
Фото: Дарко Андоновски

Хрватската поп-дива овој пат своите најголеми хитови ги отпеа на еден поинаков начин, со нови аранжмани, а публиката уште од самиот почеток, со многу почит ја поздрави простум, глетка што се повторуваше неколкупати за време на двочасовниот концерт

„Илјадници концерти се зад мене, но ниеден досега не бил ист како претходниот. Секогаш се трудам песната да ја испеам поинаку, да извадам нешто ново од себе, да бидам различна. Постојано самата се предизвикувам и за секој концерт се подготвувам како да ми е прв. Секоја песна треба да се надвладее, да оставите трага со својата изведба“, вели поп-дивата Јосипа Лисац, која во петокот во преполната сала на Македонската филхармонија ги почести скопјани со прекрасен концерт во рамките на својата балканска турнеја, со која одбележува 50 години успешна музичка кариера.

И навистина, во придружба на извонредни музичари, Јосипа, овој пат своите најголеми хитови ги отпеа на еден поинаков начин, со нови аранжмани, а публиката уште од самиот почеток, со многу почит ја поздрави простум, глетка што се повторуваше неколкупати за време на двочасовниот концерт.
Јосипа и овој пат беше своја, со свој препознатлив имиџ, однесување и над сѐ, со својата интерпретација со која не само што докажа дека нејзиниот глас не старее, напротив, звучи уште помоќно и посугестивно.

Гостинката од Загреб ја поздрави публиката со зборовите дека без никакво додворување, убаво е да се биде повторно во Скопје каде што доаѓа уште од 1969 година. Шеесет и осумгодишната дива, која секогаш била пред своето време, придружувана од својот бенд ја потсети публиката на своите најголеми хитови. Нејзиниот музички времеплов, кој опфати кариера за почит долга половина век, почна со песната „Лежај од суза“, по што ги слушнавме „Богиња“, во една поинаква џез-варијанта и „Тисуќу разлога“…

Меѓу извонредните музичари од повеќе генерации, кои ја придружуваа, басистот Давор Чрнигој е со неа од самите нејзини почетоци, а свој удел во перфектниот звук имаа и гитарист Давор Долежал, тапанарот Борна Шерцар, трубачот Јосип Грах и клавијатуристот Тони Старешиниќ.
– Јас ги споив генерациите, но го споив и времето – рече таа пред да ја испее „О једној младости“ од антологискиот албум „Дневник једне љубави“, еден од најдобрите концептуални носачи на звук што се појавиле на просторот на некогашна Југославија. Тоа е ремек-дело на нејзиниот животен сопатник Карло Метикош, кој напиша вонвременски песни, кои сѐ уште живеат, благодарение на гласот на Јосипа Лисац, која секогаш ги донесува на сцената со многу емоции и посветеност.

Додека Јосипа ја пееше оваа песна, која со новиот аранжман и звукот на трубата доби една сосема нова димензија, публиката постојано ракоплескаше, по што од истиот автор ја слушнавме „И док размишљам о нама“. Песната што следеше, „Живим по своме“, како да го опишува нејзиниот живот, бидејќи таа секогаш одела спроти ветрот, но и покрај тоа сите овие години е на врвот.
„Болујем“ за која пејачката рече дека била инспирирана од македонскиот фолклор звучеше маестрално, по што Јосипа а капела отпеа фрагмент од нашата антологиска „Јано мори“, што ја извела заедно со Влатко Стефановски на неговиот неодамнешен концерт во салата „Лисински“ во Загреб. Нејзината интерпретација допре до сите во салата, а некои дури и ги расплака и тие повторно станаа да ѝ се заблагодарат за овој подарок.

– Ми кажаа дека само Македонец на вистински начин може да испее некоја од вашите прекрасни народни песни, а тоа кај мене роди сомнеж дека нема да можам да допрам до душата на слушателите со својата изведба. Вашата реакција ме увери дека сум на вистинскиот пат. Токму тоа ќе ме поттикне конечно да реализирам една своја стара желба, да направам микс од познати етно-мелодии од Балканот – рече Лисац.
Концертот продолжи со звукот на хармониката, која ја облагороди „Где Дунав љуби небо“, додека во новата песна „Ту“ Јосипа си поигруваше со својот совршен инструмент, уникатниот глас.
Слушнавме и фанк-верзија на песната „Хир“, со која почна блокот на побрзи и поенергични песни, а со звуците на „Данас сум луда“, концертот ја достигна својата кулминација.

– Ви благодарам прекрасни луѓе, фантастични се нашите средби. Јас сите овие години нешто се обидувам да направам и не сакам да се величам себеси, сѐ уште сум на патот и го барам најдоброто од себе, постојано откривајќи нови светогледи. Благодарна сум што ве имам, што сум дел од вашите животи, бидејќи без вас ништо од сето ова немаше да го има. Ние заедно креираме успех. Им се заблагодарувам и на луѓето од продукцијата „Авалон“, кои повторно ме викнаа да дојдам. Можеби ќе наидат и некоја нова песна, нов проект и ние повторено ќе се видиме – рече Јосипа на разделба од скопската публика.
На крајот прозвучи големиот хит „Магла“, што таа го испеаја многу впечатливо, всушност тоа беше нејзина изведба на вечерта, а на бис ја слушнавме „Испочетка започет ќу све“. Испратени со громогласно ракоплескање Јосипа и музичарите си заминаа од сцената, оставајќи магијата на оваа неповторлива вечер да лебди во воздухот.