Јована од Тетово ја донира својата коса за деца болни од рак

4838

Овој гест е за поздравување и се надеваме дека ќе поттикне многу други дечиња да бидат хумани и да помогнат, велат од училиштето „Андреа Савески Ќиќиш“, каде што учи Јована

Десетгодишната Јована Симоска ја скрати својата коса за да ја донира во холандска организација, за од неа да изработат перика за деца болни од рак. Таа е ученичка во шесто одделение во основното училиште „Андреа Савески Ќиќиш“ во Тетово и до оваа идејата дошла кога помислила како да направи некое хумано дело.
– Долго време размислував како да направам хумано дело и дознав дека можам да ја донирам косата за децата болни од рак. Мајка ми контактираше со нив и тие одговорија дека може да донирам коса во плетенка долга 30 сантиметри, да не биде оштетена и да не биде боена. Оваа организацијата ја најдов на Фејсбук, се вика ЗДМ и нема трошоци околу испораката. Само треба да се јавиш, по што добиваш информација каде да ја испратиш пратката во плик – ни објасни Јована.

Нејзината сестра близначка Јана исто така вели дека за неколку месеци ќе го направи истото хумано дело. И таа својата коса ќе ја донира онаму каде што е најпотребна, само чека да ѝ порасне, за да ги исполни критериумите на организацијата.
– Сакам и јас да ја донирам косата, уште малку да порасне и ќе ја донирам. Сакам да направам добро дело за децата болни од рак – вели помалата Јана.

Психологот на училиштето „Андреа Савески Ќиќиш“, Снежана Стојановска, вели дека гордост е премал збор да опише како се чувствуваат сите во училиштето, особено соучениците на Јована и на Јана. Таа смета дека најважното од сѐ е што со овој гест тие упатуваат силна порака, која треба да стигне до секого од нас.

– Кога слушнав за иницијативата и она што го направиле нашите ученички бев фасцинирана, нема со кого не ја споделив таа вест. Сите сме горди во колективот, не само јас како психолог. И велам дека треба да се верува во децата, во нивните способности и во нивните иницијативи. Подготвени се за убави изненадувања. Овој гест е за поздравување и се надевам дека ќе поттикне многу други дечиња да бидат хумани и да помогнат. Овие две девојчиња изградиле самосвест, сопствен став, со желба нешто да направат за други деца – ни рече Снежана Стојановска
Јована има едноставен одговор зошто се одлучила на овој чекор.

– Сакам да ги направам среќни децата болни од рак. И другите луѓе со долга коса наместо да ја фрлат едноставно нека ја донираат – вели таа.

Јована и Јана нѐ испратија од своето училиште со ветување дека чувството на задоволство кога им помагаат на други ќе го носат со себе постојано и дека кога секој од нас би се однесувал на таков начин, секој ден би се разминувале со насмеани лица, а децата често им одржуваат големи лекции за хуманост на возрасните.