Јас сум режисер на својот животен филм

449

Коста Петров, писател и пиар-менаџер

Ако работиш макотрпно на својот успех, ќе сфатиш дека сѐ што ти се случило е заслужено, вели Коста Петров

Коста Петров на љубителите на литературата им е познат како автор на бестселерот „Се гледаме на врвот“, книга со еден од најголемите тиражи кај нас, но исто така тој е многу успешен и во својата примарна професија пиар-менаџер, ориентиран на работа со странски клиенти, меѓу кои е и светски познатата глумица Мила Јовович.

Сепак, пошироката домашна јавност го запозна Коста Петров како текстописец на песната „Proud“, со која Тамара Тодевска успешно се претстави на неодамнешната „Евровизија“ во Тел Авив, Израел, освојувајќи го седмото место, наш најголем успех досега. Наедно Петров беше автор и на целиот концепт со кој беше претставена песната на овој престижен фестивал.

Како се чувствувате сега кога малку стивна постевровизиската еуфорија. Колку влијаеше ова евровизиско искуство на вашиот приватен и професионален живот?
– „Евровизија“ беше можеби едно од најубавите професионални искуства во мојот живот. Четири месеци макотрпно работевме на нашето претставување во Израел. Сите дишевме во еден здив и максимално верувавме во нашиот успех. Веднаш по враќањето од Израел, заминав за Њујорк, а потоа за Отава и искрено сѐ уште сум немал време да седнам и навистина да ја почувствувам моќта на она што го направивме во Израел.

Како автор на (победничкиот) концепт на нашиот евровизиски тим, кажете ни што ви беше клучно во ова наше меѓународно претставување? Дали тоа беше афирмативниот збор што обединува, тимската работа, позитивниот став или сето тоа заедно?
– Најверојатно сите работи што ги спомна. Ние уште кога почнавме да работиме на песната знаевме дека нешто големо ќе се случи. Сите се наеживме уште од првата нота, а по првото демо веќе сите плачевме. Има нешто во песната што допира до луѓето и ги тера да размислуваат за сите убави работи, но и лекции да бидат горди на тоа што се. Јас, сепак, мислам дека нашиот успех е резултат на тимска работа и неверојатна енергија.

Искрено, верувавте ли дека текстот, кој го напишавте заедно со сопругата Сања, ќе допре толку силно до луѓето во целиот свет?
– Верував, бидејќи инспирација за текстот беше нашата ќерка, која е наша најголема љубов и гордост. Но на крајот од денот, ова е песна за сите нас. Да верувавме во себе, да работиме на себе и да се гордееме со себе, но најважно од сѐ, да го живееме животот така како што ние сакаме, а не така како што другите сакаат.

Кој е, всушност, Коста Петров?
– Јас сум, пред сѐ, татко и сопруг. Заедно со сопругата раководиме со интернационална компанија за настани и односи со јавноста и горд сум што сме присутни во 40 земји во светот. Во слободно време пишувам и книги. Уживам во животот максимално. Инаку, ова беше мое прво вакво искуство во Македонија, но компанијата на која сум коосновач работи пиар-стратегии во 40 земји веќе осум години. За мене ова не беше навистина ништо ново. Разликата е што сега, можеби, повеќе бев воден од емоцијата и нели, емотивно сум поврзан и за нашата земја и за Тамара, па можеби дадов многу повеќе отколку со некој друг клиент.

Иако велите дека за вас пишувањето е хоби, вашите книги, особено „Се гледаме на врвот“ се продаваат во големи тиражи, па, така, станавте еден од нашите најчитани автори. Какво е чувството да сте таму „најгоре“?
– Горд сум што досега имам продадено над 40.000 примероци од моите книги. Јас го живеам животот до максимум и верувам максимално во сѐ што правам. За мене врвот не значи да си број еден, или да си најпродаван или најдобар. За мене врвот е да си легнеш на крајот од денот знаејќи дека си го дал максимумот и си уживал во сите работи што тој ги донел.

Имате привилегија да работите со познати личности од целиот свет. Ќе ни откриете ли некои од тие познати фаци?
– За жал, не смеам да зборувам премногу за моите клиенти бидејќи работиме стратегии најчесто за кризни комуникации. Но, ете, ќе откријам дека имаме работено огромна кампања со Мила Јовович. Тоа беше навистина незаборавно искуство.

Еден од вашите интереси е кабалата? Кој ви ги подотвори вратите и што промени ова спознание во вашиот живот?
– Кабалата ми помогна да се кренам од депресијата и од животот со анксиозност. Ми помогна да ги погледнам работите во животот на еден поинаков начин. Пред да започнам со кабалата, бев жртва, а денес сум режисер на својот животен филм. Верувам во чуда!

Преку кабалата ја запознавте и Мадона, каде и кога беше тоа?
– Да, со Мадона имав чест да се запознаам пред осум години за време на прославата на Рош хашана во Њујорк. Тоа беше многу краток разговор, но сепак нешто што ќе го паметам до крајот на животот. Мадона во приватниот живот нема никаква врска со таа Мадона што ја гледаме на телевизија. Таа е, пред сѐ, одлична мајка па сѐ друго. Интересно е кога имаш можност да ги погледнеш ѕвездите на кои им се восхитуваш од еден поинаков агол.

На раката имате истетовирано една молитва на еврејски. Можете ли да ни кажете на што е посветена и што ве поттикна тие зборови да ги зачувате засекогаш?
– Тетоважата ја направив пред осум години тука во Скопје и на еден начин ми е потсетување дека сѐ што ни се случува во животот ни е за добро и сѐ има смисла. Само треба да бидеме трпеливи и да му дозволиме на животот да ни го открие нашиот животен план.

Кои се вашите наредни планови и преокупации?
– Во моментов ме очекуваат неколку работни патувања, а потоа се фокусирам на тоа конечно да ја завршам мојата петта книга.