Јапонците развиваат нови батерии што сами се обновуваат

115

Батериите би можеле да траат подолго и да даваат повеќе енергија, а притоа да не мора да бидат поголеми и поробусни отколку што се денес. Научници од Јапонија развиваат нов материјал што би можел да го продолжи животниот век на батериите и да го зголеми нивниот капацитет. Тоа би можело да значи пресвртница не само за индустријата за преносни уреди, како што се паметните телефони и лаптопите, туку и за електричните автомобили, камионите, па дури и бродовите.

Типичната батерија содржи слоеви на метални материјали. Како што поминува низ циклусите на полнење и празнење, така во тие слоеви се појавуваат пукнатини што го намалуваат капацитетот на батериите.

Сепак, научниците од Универзитетот во Токио покажаа дека ако во батеријата се користи кислороден редокс-слоевит оксид, нема да дојде до распаѓање на металот. Напротив, дури и слоевите од металот ќе се обновуваат.

За индустриите што користат батерии тоа би можело да има далекосежни последици. Не само што батериите би можеле да имаат подолг животен век туку нивниот капацитет би се зголемил двојно. Поточно, тоа значи дека батериите би траеле подолго и би давале повеќе енергија, а притоа не би морало да бидат масивни и големи како денес.

Но, сепак, ќе мора да причекаме додека ги добиеме овие батерии во секојдневниот живот, барем додека научниците од Јапонија не најдат начин тоа што го докажале во лабораторија да го применат во производството на батерии.