Минатата година на ѕидот долг околу 500 метри, по должината на реката Темза во Лондон, почна исцртувањето на 150.000 срца посветени на жртвите на коронавирусот во Велика Британија.
Два метри високиот ѕид се наоѓа меѓу Лабетскиот и Вестминстерскиот мост, точно спроти Вестминстерската палата, каде што се одржуваат седниците на Горниот и Долниот дом на британскиот парламент. Автор на овој уметнички проект е Мет Фаулер, кој работи за граѓанската организација „Ожалостените семејства на жртвите на ковид-19 за правда“.
Фаулер минатиот април го загуби својот татко од последици од коронавирусот.
– Кога ќе ги видите сите срца на ѕидот и ќе помислите дека секое од нив претставува некој човек што веќе го нема, глетката е навистина застрашувачка – изјави Фаулер за „Гардијан“.