Што светнува околу црната дупка

165

Научниците од институтот за физика „Макс Планк“ во Германија и од универзитетот „Авеиро“ во Португалија откриле дека околу црната дупка, поради силното искривување на просторот, треба да се наоѓаат светлосни прстени, кои се наоѓаат над хоризонтот на настанот.
Физичарите презентираа доказ за теорема според која црните дупки во состојба на рамнотежа имаат барем еден светлосен прстен. За да го докажат тоа, тие не користеле равенки во рамките на одредена теорија на гравитација, туку примениле поуниверзален тополошки пристап. Таквиот модел овозможува да се земат предвид алтернативните теории на гравитацијата и да се реши проблемот со присуството на светлосни прстени кај широките класи црни дупки.

Истражувањето е објавено во списанието „Физикал ревју летерс“.
Ротирачката црна дупка треба да има два светлосни прстени. Во едниот од нив, светлината се движи во затворена орбита во насока што се совпаѓа со насоката на вртење на црната дупка, а во другиот – во спротивна насока. Покрај тоа, резултатите од истражувањето покажале дека силуетата или сенката на црната дупка секогаш треба да бидат поголеми од самата црна дупка.

Научниците тврдат дека доказот за теоремата има неколку претпоставки, од кои едната е отсуството на гравитациско поле далеку од црната дупка. Меѓутоа, во вселената, која се шири, постои космолошка константа што создава слабо гравитациско поле во која било точка на универзумот. Истражувачите во иднина планираат да проверат како може да влијае тоа на докажувањето на оваа теорема.