Шпиони, клонови и трагач по љубов обединети од бизарните украински избори

275
Ихор Шевченко ја искористи претседателската кампања за да трага по љубов

Од моментот кога Централната изборна комисија одобри рекордни 44 кандидатури на почетокот на февруари, создавајќи гласачко ливче долго 83 сантиметри, па до нивното вчерашно завршување, украинските претседателски избори претставуваа своевидна изложба на надреалното, објавува „Политико“.

Ваквата ситуација можеби беше донекаде очекувана, со оглед дека победникот Владимир Зеленски е комичар кој глуми во телевизиска серија. Но, имаше повеќе интересни и чудни моменти во текот на четиримесечната трка, која ги изненади сите.

Зеленски ја соопшти претседателската кандидатура за време на комична телевизиска програма на новогодишната вечер. Згора, тој избра термин во кој вообичаено претседателот има новогодишно обраќање. 

Меѓу бројните кандидати имаше шпиони, човек кој е под куќен притвор, двојник на Вуди Ален, како и 48-годишниот Ихор Шевченко, кој ја најави кандидатурата преку своевидно натпреварување во стилот на реално шоу насловено „Дали сакате да станете сопруга на претседателот?“ Шевченко истакна дека ќе бира помеѓу околу 300 кандидатки кои се пријавиле за натпреварувањето. 

Во текот на изборите се појавија и бројни клонови. Станува збор за кандидати кои имаат слични имиња и презимиња или изглед со познати политичари на кои наликуваат, со што би можеле да „одземат“ понекој глас од славните двојници, користејќи ја можната забуна кај гласачите. На пример, на изборите во Украина, покрај поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, се кандидираше и извесна Јулија Литвиненко, која е правничка и телевизиска презентерка. Уште еден од кандидатите, Јури Тимошенко, негираше дека е клон.

Во таква ситуација, може да се каже дека комичарот Зеленски не беше ни одблиску „најсмешниот“ кандидат на украинските претседателски избори, на кои победи.