Шпански уметник од песок прави реални фигури на животни

134

Шпанскиот уметник Андони Бастарика стана популарен откако сподели фотографии од неговите уникатни дела на социјалните медиуми. Имено, тој прави бикови, ајкули и многу други животни од песок.
Бастарика за „Борд панда“ објаснува дека ова е негово хоби уште од 2010 година, кога на плажа направил скулптура на малата сирена. Наскоро сфатил дека има талент за вакви работи, па продолжил со посложени проекти.

Тој додава дека е фасциниран од песокот, но и дека е воодушевен од фактот дека зрната песок мора цврсто да се притиснат заедно за да се создаде такво уметничко дело. Тој смета дека ова важи и за луѓето, доколку тие се обединат доволно – можат да направат одлични работи.
Процесот на правење животно од песок оди вака: Бастарика собира големи количества влажен песок на едно место, а потоа полека го обликува и се обидува да ја направи првобитната форма.

Откако ќе ја направи формата, тој продолжува да ја заострува и да ја усовршува со стап додека не стигне до онаа форма што ќе изгледа реална. Тој често користи материјали како што се јаглен, камења, парчиња стакло…
– Процесот на правење зависи од големината на животното што го правам. На пример, направив слон за два дена, додека за коњ и за бизон се потребни по 12 часа работа. За помалите кучиња, пак, се потребни од шест до осум часа работа – објаснува уметникот.