Шер помогна „најосамениот слон на светот“ да биде ослободен

325

Пакистанскиот премиер Имран Кан ѝ се заблагодари на американска пејачка Шер за нејзините лични заложби во обезбедување подобри услови за живот на „најосамениот слон на светот“, Каван, кој денеска конечно ќе ја напушти зоолошката градина во Исламабад и ќе се пресели во засолниште во Камбоџа.

За преселбата на „најосамениот слон на светот“ долги години лобираше коалиција на посветени волонтери на која им се придружи Шер, која соопшти дека таа ќе плати за неговиот транспорт до новиот дом.

Каван цели 35 години страдал во зоолошката градина во Исламабад затоа што долго време бил врзан со синџири, а пред осум години останал сосема сам откако угинала неговата придружничка Сахели со која биле неразделни од 1990. Стотици илјади луѓе потпишаа петиција со која се бараше Каван да добие нов дом и подобра грижа.

За Каван, „најосамениот слон на светот“, Шер првпат слушнала во 2016, за што ангажирала тим од адвокати за да помогнат за негово ослободување, кое конечно беше одобрено во мај годинава.

Според активистите борбата за добросостојбата на Каван е далеку од завршена, затоа што му претстои долготрајно физичко и психичко заздравување.