Чукотка – најизолираното место на светот

269

Држава: Русија
Домородно население: Чукчи и Ескими
Површина: 721.500 квадратни километри

Чукотка се наоѓа во североисточниот дел на Русија и Евроазија. Станува збор за едно од најизолираните места во светот. Всушност, тоа е најоддалечено, најнедостижно и најнепријатно место за живеење во Русија, а наедно и најмалку истражено. Чувството да се живее овде е како да живеете среде снежна пустина.

Чукотка е сместена меѓу Арктикот и Тихи Океан. Кога ќе стигнете до Кејп Дежнев (најисточниот крај на Русија), можете да ги видите Арктикот од лево, Пацификот право, Северна Америка пред вас и безграничната тундра на Евроазија североисточно зад вас. Посетителите на овој регион се изложени на ветровите од два океана, може да ги видат единствената флора на Арктикот и мистериозните градби на античките жители на Чукотка. Областа од 721.500 квадратни километри е поголема од која било европска држава, но наедно ова е најретко населениот регион во Русија.

На огромното пространство на чукотскиот автономен округ живеат само 50 илјади луѓе, од нив половината се таканаречените малобројни народи на Северот.

Тука човек се чувствува како зрнце песок во молчалива снежна пустина. Можеби затоа староседелците на Чукотка, Чукчите, себеси се нарекуваат „лигуо раветлуан“ што во превод значи „вистински луѓе“, исто како што сакаат називот „Чукотка“ да го интерпретираат како „Земја во која живеат вистинските луѓе“.

Чукотка наедно е и единствениот регион во Русија, кој истовремено се наоѓа на двете полутопки. Постојат само две места на планетава каде што 180-от меридијан, кој ги дели источната и западната хемисфера, поминува на копно: тоа се Чукотка и пацифичките острови Фиџи.

Чукотка е тундра. Огромните ридести пространства се покриени со џуџести дрвја, кои се покриени со мов (минијатурни брези, врби и други дрвја кои ползат по земјата) и трева. Во текот на краткото поларно лето тундрата буквално се претвора во разнобоен тепих, кој кипи од светли бои и е со мирис на арктички бобинки, печурки и цвеќиња. Сепак, на некои места дури и налето се задржува снег.

Голем дел од територијата на Чукотка се наоѓа над поларниот круг. И покрај суровата клима (просечната годишна температура тука варира од -4,1 до -14 Целзиусови степени), природата на Чукотка плени со својата разновидност: околу 1.300 вида билки, од арктички мов и лишаи до тајги со дрвја стари и по неколку века, над 400 вида риба и 220 вида птици. Многу животни што живеат на Чукотка се ставени на Црвената листа на Руската Федерација. Меѓу нив се белата мечка, снежната овца, нарвалот, грбавиот кит, китот-перјак, сеј-китот, сивиот и синиот кит и други.