Чешките електрични веспи хит во Калифорнија

99

Ентузијазмот на еден англиски претприемач го претвори своето хоби – обновување на „чехословачките Веспи“, во вистински бизнис.

Десет години откако италијанскиот „Пјаџо“ го пушти во употреба култниот скутер Веспа, источниот блок одговори со „Чезета“.

Станува збор за скутер, кој се произведувал во тогашната Чехословачка во период меѓу 1957 и 1964 година. Поради обликувањето во „вселенски дизајн“, кој бил популарен во 50-те години, меѓу купувачите набрзо го добила прекарот „Прасе“.
 
Бидејќи производството многу брзо згаснало, денес се останати уште стотина „Чезети“ во не многу добра возна состојба. Еден од ентузијастите кои ги обновуваат старите „Чезети“ бил Нил Емон Смит, кој се доселил во Прага во 1998 година.
 
– Видов една и веднаш ме привлече, изјави Смит.
 
Тој својата Веспа ја заменил со Чезета во 2008 година, а потоа почнал да ги собира и обновува чехословачките скутери од хоби, кое подоцна достигнало повисоко ниво. Смит доаѓа на идеја да ја модернизира Чезетата и создава луксузен електричен скутер. Ја основал компанијата „Чезета Моторс“ со седиште во Прага и отворил фабрика во источниот дел на Чешка, во местото Простејов.
 
Оваа година компанијата планира да ја прошири продажбата надвор од Чешка. Следната година ќе започне продажба и во Калифорнија. „Чезетата“ на струја се продава по цена од 10.000 евра.