Четврт век „Добро утро, Македонијо“ на МРТ

431
Фото: Игор Бансколиев

Растевме и ги поставувавме стандардите за сите други утрински програми што се создадоа по моделот на нашата емисија, вели Снежана Пачоска-Китанчев

Емисија „Добро утро, Македонијо“ на Македонската телевизија одбележува четврт век постоење. Токму затоа деновиве емисиите беа посветени на 25-годишниот јубилеј и збогатени со изјави од повеќе новинари, водители и уредници што биле дел од емисијата во изминатиот четврт век.

– Досега се реализирани повеќе од 8 илјади емисии и околу 25 илјади часа програма, толку порасна утринската програма за овие 25 години. Горди сме што нашата утринска програма „Добро утро, Македонијо“ беше прва во Македонија, а меѓу првите три на Балканот, па веќе во првата година од емитувањето ја освоивме довербата на гледачите. Растевме и ги поставувавме стандардите за сите други утрински програми што се создадоа по моделот на нашата емисија – вели Снежана Пачоска-Китанчев, која е дел од емисијата од 1994 г., а уредничка на „Добро утро, Македонијо“ е од 2011 година.

Таа дополни дека 25 години да емитуваш програма во континуитет е обврска за сите што се дел од екипата, но и за генерациите што треба да ја продолжат традицијата.

– Се менуваа водители, новинари и уредници, го менуваа и името на емисијата, се менуваше и концептот на емисијата. Но до денес иста е посветеноста со која ја создаваме секоја емисија. Ја задржавме довербата на старата и ги освоивме симпатиите на нова публика. И, што е најважно, се обидуваме да ги задржиме стандардите за тоа како треба да изгледа една утринска програма на јавен сервис – посочи Пачоска-Китанчев.

За емисијата сѐ уште да биде информативна, разновидна и богата со интересни содржини секојдневно се грижат водителите: Кристина Ралеска-Големтеова, Дијана Гогова, Илија Грујоски, новинарите: Билјана Јанакиеска, Елизабета Кузмановска, Елизабета Мемиќ, Тања Сарандеска, Анита Никушева-Јованчев, Јасмина Никова, Славица Божиновска, Лидија Чакар, Соња Стојановска, Ружица Ѓоршеска и сите што на каков било начин придонесуваат таа да биде квалитетен телевизиски производ.
Славеничката забава беше најавена за синоќа, во хотелот „Александар палас“, кога колегите, некогашни и сегашни, се присетија на почетоците, а паднаа договор и за некоја нова содржина на „Добро утро, Македонијо“, телевизиска емисија со која многумина го почнуваат денот.