Честитки, но и збунетост, по пристигнувањето на астронаутите на „Спејс екс“ на Меѓународната вселенска станица

1009

Екипажот на Меѓународната вселенска станица ги пречека астронаутите Даглас Харли и Боб Бенкен по нивното синоќешно пристигнување во капсулата на „Спејс екс“, пренесува „Гласот на Америка“.

Астронаутот на НАСА Крис Кесиди и руските космонаути Анатолиј Иванишин и Иван Вагнер се ракуваа со новопристигнатите астронаути.

Харли истакна дека не можел да биде посреќен со перформансот на вселенската капсула „Драгон“.

Капсулата беше лансирана во орбитата преку ракета на „Спејс екс“, која претставува комерцијално вселенско летало. Станува збор за прва вселенска мисија со екипаж на летало кое не е конструирано од државна агенција.

Предвидено е Харли и Бенкен да учествуваат во серија научни експерименти за време на нивниот тримесечен престој на Меѓународната вселенска станица.

 – Добредојдовте Боб и Даг. Јас ќе ви кажам дека целиот свет ја виде оваа мисија и ние сме толку горди на се што сторивме за својата земја, а всушност и за да го инспирирате светот – порача директорот на НАСА Џим Бриденштајн.

Директорот на „РОСКОСМОС“ Дмитриј Рогозин му честиташе на Бриденштајн за успешното лансирање преку Твитер, но руската вселенска агенција порача и дека е збунета поради хистеријата предизвикана од лансирањето, кое многумина го окарактеризираа како „зора во новата ера“, пренесува Ен-ди-ти-ви.

– Навистина не ја разбираме хистеријата поттикната од успешното лансирање на вселенското летало „Драгон“ – кажа портпаролот на „РОСКОСМОС“ Владимир Устименко.