Целиот процес на креирање на „Медена земја“ е една голема животна лекција

1183

За време на снимањето на „Медена земја“, од ден на ден на некој начин созревавме. Секое одење и враќање од пределот ни се случуваше нешто ново, неочекувано, нешто уникатно, вели Фејми Даут

Фејми Даут, кинематограф, снимател

Фејми Даут е еден од снимателите на документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland). Тој заедно со преостанатата петчлена екипа три години работеше на снимање на фасцинантните кадри на филмот и успеа да навлезе длабоко во животот и карактерот на Атиџе и совршено да ја отслика нејзината животна приказна, која допре до многу луѓе во светот.

– Има сцени што допираат длабоко во човекот, во душата, кои те оставаат без здив, а има и доста смешни ситуации – вели Фејми Даут, меѓу пријателите познат како Феко.
Филмот деновиве со овации беше поздравен и на интернационалниот „Сараевски филмски фестивал“, а влезен е и во официјалната конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“. По прогласувањето за најдобар документарец на фестивалот „Санденс“, кој се одржа во Јута, САД, каде што „Медена земја“ доби гран при од жирито, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра камера, документарецот доби голем број признанија на многу филмски фестивали, а беше прогласен за најдобар и на Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Тел Авив, Израел.

По двете затворени проекции, официјалната македонска премиера на „Медена земја“ ќе се одржи на 28 август 2019 г. во „Куршумли-ан“, на затворањето на 10-то издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс“. Истиот ден, во рамките на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар. Пoчнувајќи од 29 август, пак, филмот ќе се најде на редовниот репертоар во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“.

Што прво ви минува низ глава кога ќе се спомне „Медена земја“? Какви медени искуства собравте дури го снимавте документарецот?
– Прво што ми паѓа на ум е Атиџе со нејзиниот неодолив мед. Кога првпат го пробав штотуку изваден од пчеларникот, никогаш нема да го заборавам тој вкус. А што се однесува за искуствата, целиот процес на креирање на „Медена земја“ е една голема животна лекција. За време на снимањето, од ден на ден на некој начин созревавме. Секое одење и враќање од пределот, ни се случуваше нешто ново, неочекувано, нешто уникатно.

Стотина дена поминавте во снимање во напуштеното село, влеговте во животот на Атиџе и на нејзината мајка… Какви кадри ловевте, што најмногу ве „испоти“?
– Кога првпат ја запознавме Атиџе, некако не ни беше јасно дека тоа ќе ни биде фокусот. Како документаристи, секогаш сме во потрага на некаков карактер што ќе блесне пред нас. Се случи токму тоа, како непишано правило во документарните филмови, да си на вистинското место во вистинското време. Инаку, тоа што најмногу нѐ испоти при самото креирање на филмот беа самите услови на снимање. Пред нас имаше многу предизвици со кои се соочувавме, од самите карактери, како да им пристапиме при снимањето, за да се чувствуваат опуштено пред камерата, временските услови (од кои повеќето беа пеколни горештини), самите ситуации што се појавуваа пред нашата камера, за кои не бевме претходно свесни дека воопшто може да се случат. Но, сепак, од сето тоа фокусот беше да се прикаже правилното користење на природните ресурси, преку ликот на Атиџе. Всушност, анализирајќи ја неа како се однесува кон природата, дојде и оваа идеја.

Во максимално краток рок успеавте да ги соберете најпозитивните критики, се закитивте со многу награди. Според вас, што е она што освојува во филмот?
– Можам да кажам слободно, откако ја имавме премиерата на фестивалот „Санденс“, па до денес, со учество на многу интернационални фестивали, најголемиот дел од публиката е пријатно изненаден. Најверојатно поради тоа што самиот филм има многу несекојдневни кадри. Поточно, голем дел од публиката не можеше да остане рамнодушна на самите сцени во филмот, се препознаваше во некои од карактерите. Има сцени што допираат длабоко во човековата душа, кои те оставаат без здив, а има и доста смешни ситуации. И целиот тој сплет од трагикомични сцени е тоа што освојува.

Најголемите пикантерии се случуваат зад сцената, додека камерите се исклучени… Што нема да види публиката, а е интересно да го чуе?
– Па, во сите тие три години снимање, поточно 100 снимачки дена, се случуваа многу моменти зад сцената. Не знам од кај би почнал… Да речеме, честопати ни се случуваше храната што ја имавме за 3-4 дена снимање, Џеки (кучето на Атиџе) и мачките да ни ја изедат уште од првиот ден, од причина што ние ќе се занесевме во самата работа и заборававме на тоа дека треба да ја складираме на сигурно… Потоа заглавување со џип на патот кон селото, некогаш на дождливо, некогаш на снежно време, а тоа значи четири часа пешачење во еден правец, а имавме и блиски средби со волци… Мене лично ме испокасаа пчели, додека Тамара беше цел на болви… И уште еден куп моменти постојат за кои треба нашироко да се раскажува.

Вашето портфолио е полно и разнообразно. Претпочитате да бидете присутен во повеќе уметнички форми, па сте работеле на документарни, играни, кратки филмови. Какви проекти го искалија денешниов Фејми Даут?
– Кога човек почнува со оваа професија, неминовно е да се соочи со доста предизвици. Уште на самите почетоци не бев свесен колку можности имам пред себе. Откако ги завршив студиите, веќе ми беше јасно со што би сакал да се занимавам, но, како што одминуваше времето, така се појавуваа и понудите за ангажмани, почнувајќи од музички и рекламни спотови, ТВ-емисии, ТВ-серии, кратки и играни филмови, документарци. Секоја понуда ми беше битна. Така си го печев занаетот, а патем учев од моите постари колеги.

На какви проекти не останувате рамнодушен?
– Бидејќи по карактер сум авантурист, сакам проекти на кои има патување, откривање нови предели, запознавање луѓе од различни сфери, проекти од кои ќе стекнам ново искуство. А токму тоа последниве години, работејќи на проекти со Љубомир Стефанов, успеав да го стекнам. Но, ќе бидам искрен, сепак играните филмови ми се најголем предизвик, каде што би сакал да ја изразам целата моја креативност.

Дали светот најдобро се истражува и согледува преку снимање документарец?
– Самото тоа што за некого или нешто се снима документарен филм е доволен предизвик. Од моето искуство со документарните филмови, предизвикот секогаш е различен и во суштина не знаеш каде сѐ може да те одведе прикаската. Можеби тоа е и таа убава страна на документарниот филм, што ти остава доволно простор да истражуваш и да се искажеш на најдобар начин.

Сплет од трагикомични сцени е тоа што освојува во „Медена земја“, вели Фејми Даут