Хуманитарна вечер за Тоше во Благоевград

513

Во градот Благоевград, во соседна Бугарија, во петокот во кафулето „Икс-бар“, по 13-ти пат се одржа хуманитарна вечер посветена на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески. Организатори и овој пат беа членовите на Клубот на обожаватели на Тоше во овој град.
– Како и досега, иницијатор за одржување на овој хуманитарен настан во чест на балканскиот ангел е Игор Дамјанов од Виница, кој сега живее во Бугарија. Тој е глумец и диџеј и својот хонорар секогаш го подарува во хумани цели – ни рече Оксана Данаилова, членка на Клубот на обожаватели на Тоше во Благоевград.
Таа дополни дека годинава имало помалку посетители, околу 50 луѓе, поради мерките за претпазливост поради пандемијата на коронавирусот.

– Вечерта, како и сите досега, беше многу емотивна, се пееја песните на Тоше Проески, додека на големиот екран се емитуваа негови спотови и делови од концерти. Од цела Бугарија, сите што не можеа да дојдат, а го сакаат Тоше, ни пратија пари за влезница (по 10 лева). Собраните пари, 1.000 лева, се договоривме да ги поделиме на два дела. Половината од средствата ќе ги дадеме за Михаела, девојче со тешки форми на епилепсија и детска церебрална парализа, и на еден млад татко, Георги Елинов, кому му требаат финансиски средства за операција, кои не може да ги собере – објасни Данаилова. .