Хипи-движењето помеѓу хедонизам и екстаза

107

Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“

Најпрво да го дефинираме хипи-движењето, кое го почнаа младите во САД во 1960-тите години. Неговите припадниците се бунтуваа против американското потрошувачко општество и имаа цел да создадат ново. Овие луѓе популарно ги нарекуваа хипици. Инаку под поимот „хипи“ се подразбира цела една боемска или студентска поткултура. Слично на битниците и хипи-движењето се разви околу едно цврсто јадро сочинето од литерално-уметничка интелигенција. Многу подоцна кон ова јадро се приклучи целокупната аристократија на рок-музиката. И голем број нивни следбеници, кои прифатија еден бунтовнички начин на живот. Во научната литература хипиците се прикажани како млади луѓе што го напуштија школувањето (Графтон) како аморални личности (Адлер), кои настојуваат да го најдат патот за враќање на невиното детство и романтичниот мистицизам. Има луѓе што не се согласуваат со овие констатации и кои велат дека хипиците всушност се опседнати и опуштени трансцедентичари, во потрага по хедонизам и без оформени политички ставови. Основниот став на хипи-движењето беше недоверба кон политичкиот и државниот естаблишмент, како и критичката свест кон нееднаквоста и непочитувањето на човековите права. Дефинирањето на хипиците би го заокружиле со констатацијата дека тие на боемизмот му дадоа една нова и непосредна експресивност. Тие се контракултурни активисти, а не активисти на политичко движење, иако едно крило се проба и во политичкиот активизам.

Сега, пред што било друго да се напише за хипи-движењето и хипиците треба да се кажат нивните карактеристики, а тие се: изразена експресивност; посебен идентитет; пасивен отпор; многубројни одрекувања; засилен индивидуализам наспроти безличноста на инертното општество; авантуризам, патувања, откривање нов поглед на светот. Потребно е да се каже и кога ова движење се појави на општествената сцена. Во средината на 1960-тите години под влијание на поетите на бит-генерацијата, во Калифорнија, САД, се јавува нова хипи-култура. Првото големо дружење (Human be in), одржано во јануари 1967 година, во паркот „Голден гејт“ во Сан Франциско. На летокот со кој се најавуваше овој собир пишуваше: „…Соединување на љубовта и активизмот…“. Тоа конечно се случи кога политичките активисти од „Беркли“ и хипи-заедницата се сретнаа на овој племенски собир. Дојдоа околу 10.000 луѓе. Во музичкиот дел на тој хипи-собир свиреа: „Грејтфул дед“, „Џеферсон ерплејн“, „Биг брадерс“ и други.

Хипиците за кратко време поминаа од супкултурна во масовна групација, која сериозно ги разниша општествените вредности. Се стекнаа со посебен идентитет, кој се манифестираше преку нивниот впечатлив и експресивен стил. Во најголема мера тие беа млади од средната класа, кои се одрекуваат од своите граѓански привилегии и удобности и одат да живеат на улица, во комуни, на граница на законот. Хипиците ги отфрлаа основните темелни вредности на кои се засноваше современото индустриско општество. Тоа посебно се однесуваше на тогашниот американски начин на живот. На материјалните вредности на американското општество им ги спротивставија вредностите на битието. Поради одбивноста кон индустријата особено тешката, кај кои поради наклонетоста што ја имаа кон природата, светот ги нарече деца на цвеќето. Најпознат боемски кварт во Лос Анџелес беше Венис (Venice) додека во Сан Франциско се наоѓаше „квартот на соништата“ Хејт Ешбери. Овој кварт беше епицентар на хипи-движењето. Во него хипиците масовно се населуваа, па во 1969 година ги имаше околу 100.000.

Најголем број од нив беа избегани тинејџери од домовите. Во Сан Франциско се наоѓаше и паркот „Голден гејт“, место на собирање и секојдневно присуство на хипиците од тој град и околината. Во Њујорк, хипиците го обожаваа Ист Вилиџ – артистичко средиште на градот. Хипи-движењето многу бргу се прошири во САД, Европа и во другите делови на светот. Медитативниот дух на Истокот ѝ се спротивстави на рационалистичката филозофија на Западот. Патувањата во Индија, Непал и Тибет, станаа незаобиколен пат на духовното просветлување. Духовните интересирања на хипиците вклучуваа зен-будизам, шаманизам и христијански мистицизам. Хипиците, како и Индијанците, покрај имињата под кои се родени и крстени, имаа обичај да додаваат ново име, кое го означуваше тоа што тие стварно се или сакаат да станат. Тие граѓанското семејство го заменија со племе – комуна во која живееја без никакви правила. Живееја мирен скромен и едноставен живот. Комуните ги напуштаа само кога одеа на концерти, фестивали, патувања на Исток и други забавни настани. Се превезуваа со возила на „Фолксваген“, комбиња и популарните „буби-фолксвагени“. Нив ги бојадисуваа со најразлични психоделични бои и шари во стилот на виножитото и цвеќињата.

И покрај нивната мирна природа, дневните весници од тоа време, за припадниците на хипи-движењето користеа навредливи зборови: нечисти, мрзливи, долгокоси, промискуитетни… Постоеја две главни струи во хипи-движењето. Првата, чие главно обележје беше политичкиот активизам и политичката револуција. И втората, која се сврте кон дрогите, продуховеноста, мистицизмот и внатрешната револуција.

Сотир Костов