Харкем: Целиот албум може да се толкува како приказна

652

Харкем е прогресивен метал бенд создаден во Штип во 2013 година. Членови на бендот се Андон Марган (гитара), Томислав Колев (бас гитара), Блаже Атанасов (тапани), Никола Наумовски (клавијатура) и Златко Кирезов (вокал и гитара). Досега имаат настапи низ неколку градови во Македонија, а беа предгрупа на два руски фолкметал бендови. Низ разговор со фронтменот Златко тој нè запозна со структурата на бендот, нивните песни и текстови, како и со нивните музички влијанија.

Кажете ни за Вашите почетоци, како решивте да музицирате заедно?

– Се најдовме по пат на заеднички познанства, а нас металците нè нема многу по државава и поради таа причина не сме сосема изолирани еден од друг. Си се држиме близу, така што беше релативно лесно да се најдеме. Експериментирањето и импровизацијата со различни звуци и идеи беа вродени со зачнувањето на составот. Првичната идеја беше да се собереме неколку истомисленици, да ја истолчиме нашата колективна креативност на еден куп, па да видиме што ќе се случи. Тоа и го направивме. 

На почетокот имавте женски вокал, како и друг гитарист. Кажете ни нешто во врска со промените во составот на бендот?

– На почетокот бевме четворица штипјани. Јас и Енес Беговски свиревме гитара, Моника Кашуба беше вокал, а Благој Шпиртов беше лиричар и нудеше тематски идеи. Во овој период од една и пол година се изгради цврста основа за првите три песни во албумот „Departure’s Course“ и на бендот се приклучија Блаже, Томислав и Никола. Со текот на времето, Благој, Енес и Моника си заминаа од составот поради лични причини, а во 2015 година ни се приклучи и Андон.

Членовите на бендот Харкем се од различни градови, Куманово, Делчево, Штип… Како се договарате за правењето проби и за настапи? 

– Иако Блаже е од Делчево, тој главно престојува во Штип. Со Никола разменуваме материјали онлајн, а кога се ближи некој настап, тој доаѓа од Куманово и престојува во Штип за пробите. Останатите од составот сме штипјани.

Имате еден албум насловен „Departure’s Course“. Како го создадовте албумот и зошто го носи тој наслов?

– „Departure’s Course“ е албум што го замислив дека е најдобро да се искуси и ислуша во едно седнување. Албумот се состои од шест песни, а песните се главно тематски поврзани со приказната којашто се протега низ целиот албум. Тоа беше постигнато со помош на намерните двосмислени текстови. Албумот беше снимен во 2015 година, а со продукција завршивме во 2016 година во студиото на Гени Каревски. Сè води кон крајот којшто е „Home“ (Дом), целиот албум може да се толкува како приказна која кружи околу централниот карактер во прво и трето лице, како и искуствата коишто карактерот ги доживува за време на „заминувањето на патот кон дома“. Што е тоа „дом“ и од каде поаѓа карактерот? Тоа би го оставил на нашите слушатели да го протолкуваат.

Албумот „Departure’s Course“

Што значи, всушност, името Харкем и логото на бендот?

– Харкем доаѓа од фантастична новела на којашто работи Благој Шпиртов, која се надевам ќе биде издадена наскоро. Во неа има карактер кој се вика Харкем и сè што знаеме за него е дека е моќен маѓепсник. Едноставно ни се допадна како звучи името и тоа некако „се залепи“ како име за бендот. Логото е моја лична креација и без да откривам премногу, ќе кажам дека се работи за баланс и бескрајност.

Од кои музички жанрови и бендови црпите инспирација? Многумина Ве споредуваат со шведскиот прогресивен бенд „Opeth“…

– Музичките мотиви во Харкем се инспирирани од прогресивен метал, дет метал, амбиентална музика, психоделичен рок, фолк музика, особено македонскиот мелос и други различни жанрови и музички вкусови. Најчесто нè инспирираат бендови како „Opeth“, „In Flames“ и „Agalloch“. Свесен сум за споредбата со „Opeth“ и таа не е беспричинска, сепак е еден од моите омилени бендови. Некои бендови едноставно успеваат да извршат таква значителна импресија, што почнуваат да ни влијаат и потсвесно. Еднаш дури смислив риф за после некое време да сфатам дека истиот го имаат и „Opeth“. Секако, тој риф не се појавува во нашата музика. Исто така сметам дека споредбата со „Opeth“ се должи на нашата дуалност помеѓу „длабоките“ и чистите вокали.

Опишете ни каков е процесот на креирање на една Ваша песна? За што најчесто се работи во песните на Харкем?

Харкем сè уште се држи до почетоците. Импровизацијата и експериментирањето се голем дел од креирањето на нашите песни. Најчесто снимам импровизациски сесии со мојата гитара, а потоа ги разгледувам и заклучувам што од нив може да се искористи и како. Овие делови се редефинираат сè додека не ја добијам траката на главната гитара. Ова го работам истовремено со пишувањето на текстот и вокалната мелодија. Потоа работам на втората гитара, како и со другите членови и нивниот удел во песната. Формата на песните на Харкем најчесто линеарна, бидејќи тоа се совпаѓа со раскажувањето приказни, кое го обожавам. Во песните покривам многу теми, но најчесто се истражуваат животот, смртта, моралноста, па и искуствата од нашите животи.

Кога би можеле, кој совет би го дале на Харкем од пред пет години кога започнаа со бендот?

– Не би дал никаков совет и не би сменил ништо. Единственото што би го направил е да  седнам и да свирам со нив.

Прв метал албум што го имате преслушано?

– „Ghost Reveries“ од „Opeth“.

Покрај свирењето музика, што друго сакате да правите во слободно време?

 – Сите членови на Харкем се и гејмери. „The Elder Scrolls“ франшизата е една од моите омилени, како и на Томислав. Во слободно време исто така сакам да пишувам приказни, а Никола пишува поезија.