Фолк-вечерта ги отвора јубилејните 25-ти „Охридски трубадури“

100

Има прекрасни песни што ги запазуваат карактеристиките на македонскиот фолклор, стилски се различни, а ќе блеснат во изведба на одличните интерпретатори, вели Цане Петров, уметнички директор на фолк-вечерта

Со песните создадени во духот на македонскиот фолклор, вечерва во Охрид ќе започне 25-то јубилејно издание на меѓународниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“. Во официјалната програма се 20 песни, кои ќе ги исполнат познатите македонски интерпретатори: Петар Нечоски, Благица Павловска, Кате и „Нели ти реков“, „Скопски боеми“, „Молика уан“, Милован Секулоски, Зоран Марковски и Мерима Његомир, а своја шоу-програма за време на гласањето ќе има Нада Обриќ.

– Мислам дека фолк-вечерта ќе биде една од подобрите на досегашните фестивали. Има прекрасни песни, кои ги запазуваат карактеристиките на македонскиот фолклор, стилски се различни, а ќе блеснат во изведба на одличните интерпретации – вели Цане Петров, уметнички директор на фолк-вечерта.

Утревечер фестивалот продолжува со националниот избор за најдобра поп-композиција. На оваа вечер 18 нови песни од македонски автори ќе исполнат Симеон Коруноски, Горан Наумовски, дуетот „Чоки“, Жармена, Денис Димоски, триото „Џентлменс“, Лени Партикова, Огнен Здравковски, Зои Блаж, Пепа Димовска, Филип Јордановски, Лена… Свој рецитал со песни за љубовта, на авторите Александар Митевски и Григор Копров, ќе има познатиот бизнисмен и љубител на музиката Трифун Костовски.

Со голем интерес се очекува и интернационалната вечер в сабота, на која, покрај наградените песни од поп-вечерта, во борбата за награди ќе учествуваат и познати пејачи од балканските земји: Пантелис Кастанидис (Грција), групите „Балканика“ (Србија) и „Колонија“ (Хрватска), Ален Исламовиќ (БиХ), Дарија Швајгер (Словенија), Дениса Мерсини (Албанија), Божидара Симеонова (Бугарија)…
Водители на поп и на интернационалната вечер ќе бидат Марјана Станојковска и Васил Зафирчев.

Македонската телевизија ќе врши директен пренос на фолк, поп и интернационалната вечер. Јубилејното 25-то издание на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“, покрај гледачите во Македонија, ќе можат да го проследат и љубителите на музиката од: Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Србија, но и гледачите од целиот свет преку сателитските канали на Македонската телевизија и на австралиската ИНТВ.