Филмската адаптација на „Аладин“ премиерно на 24 мај

44

Возбудливата и крајно жива филмска адаптација на дизниевиот анимиран класик „Аладин“,би требало да ја има светската кинопремиера на 24 мај. Како најава неодамна беше објавен и официјалниот трејлер на филмот. Станува збор за адаптација на истоимениот анимиран филм од 1992 година, кој се заснова на истоимената арапска народна приказна од „Илјада и една ноќ“ и француската интерпретација на Антони Галанд.

Новиот „Аладин“ е возбудлива приказна за шармантниот младич Аладин, кој поголемиот дел од животот го минува на улица, храбрата и решителна принцеза Јасмин и Духот од ламбата, кој би можел да ја одреди неговата судбина.
Режисерот Гај Ричи, низ овој филм внесува свој препознатлив стил, во ѕидовите на измислениот град Аграб.

Во главните улоги ќе ги видиме: Мен Масуд (Аладин), Вил Смит (Духот од ламбата), Наоми Скот (принцезата Јасмин), Марвин Кензари (волшебникот Џафар), Навид Негабан (султанот), Нуман Акар (Хаким, десната рака на Џафар) и други. Режисер на филмот е Гај Ричи, кој заедно со Џон Аугуст работеше на сценариото.

Комплетната продукција на филмот ја потпишуваат продуцентските куќи „Волт Дизни“ и „Ридбек“. Во филмот е користена музиката на Алан Менкен, композитор награден со осум „оскари“ за музиката во анимираниот филм, но има и нови нумери инспирирани од оригинални песни. Филмот е снимен во студија во Лондон, како и во делови на јорданската пустина, а талентираниот и креативен тим го оживеа градот Аграб.