Филмот „Мулан“ премиерно на 4 септември на Дизни плус

24

Премиерата на филмот „Мулан“, која досега трипати се одложуваше поради пандемијата на коронавирусот, конечно е закажана за 4 септември годинава. Долгоочекуваниот филм ќе биде објавен на стриминг-платформата Дизни плус, а неговото прикажување ќе чини 29,99 долари.

Меѓутоа, многу корисници на Дизни плус што веќе плаќаат претплата од 6,99 долари беа изненадени што ќе мора да платат дополнителни 30 долари за да го гледаат филмот. Сепак, пандемијата си го направи своето.

Директорите на „Дизни“ изјавија дека треба да подготват нов план за премиерата на „Мулан“, со оглед на тоа што толку долго чекаше филмска адаптација на познатата анимирана приказна за кинескиот воин, пренесе „Верџ“.

Во земјите каде што Дизни плус не е достапен и каде што кината почнаа да работат, „Мулан“ премиерно ќе се претстави исто така на 4 септември.

Минатиот месец „Дизни“ третпат ја одложи премиерата за „Мулан“ на неодредено време. Филмот првично требаше да биде објавен на 27 март годинава.

Двата други претстојни филмови на „Дизни“, „Нови мутанти“ и „Црна вдовица“, ги задржаа своите датуми за премиерите, 28 август и 6 ноември. Сепак, не е сигурно дека овие датуми ќе се задржат поради моментната криза.