Филмовите по кои ќе го паметиме големиот Милош Форман

610

Светот на филмот е посиромашен по заминувањето на култниот режисер Милош Форман, кој почина неодамна во 86-та година. Тој ја напушти родната Чехословачка во потрага по креативна слобода во САД, каде што оствари блескава кариера. Вниманието од меѓународната јавност Форман го привлече со филмовите „Црниот Петар“ (1964 г.), „Љубовите на една русокоса“ (1965 г.), кој што беше номиниран за „оскар“ во категоријата „најдобар странски филм“ и „Пожарникарски бал“ снимен во 1967 година. Наредните години тој успеа да сними некои од најпрепознатливите филмови, кои освен култен статус гордо ја носат титулата холивудски класици. Еве ги нивните наслови:

„Лет над кукавичиното гнездо“ (1975)
Форманова филмска адаптација на романот на Кен Кесеј се занимаваше со животот во една ментална институција во Орегон. Со Лујза Флечер и со Џек Николсон во главната улога, кој толкуваше лик на бунтовен пациент, овој филм стана вистинска оскаровска сензација, со освоени пет златни статуетки во категориите: најдобар филм, најдобар режисер, глумец, глумица и најдобра адаптација на сценарио.

„Амадеус“ (1984)
Со глумецот Том Хулце во улогата на славниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт, овој филм имаше 11 оскаровски номинации и осум освоени статуетки, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм и за најдобар режисер.
Во едно свое интервју од 2002 година, Форман објаснил како ја прифатил поканата да учествува во театарска адаптација на филмот „Амадеус“ во Лондон, не знаејќи дека станува збор за праизведба на претстава на драматургот Питер Шефер.
– Навикнав да гледам руски и чешки филмови за композитори, кои беа едни од најздодевните. И додека седев во театарот, чекајќи да заспијам, здогледав прекрасна драма за ривалитетот на Моцарт и на Антонио Салиери. Бев залепен за седиштето до крајот на претставата. Кога првпат го запознав Шефер му реков заедно да направиме филм – изјавил славниот режисер.

„Народот против Лери Флинт“ (1996)
Својата трета и последна оскаровска номинација, Форман ја оствари благодарение на филмот „Народот против Лери Флинт“. Тоа е драма што се занимава со основањето на порносписанието „Хастлер“, слободниот говор и тестирањето на трпението на американските конзервативци.
Оваа приказна, Форман на големото платно ја пренесе во полн сјај, поради што беше награден со „златен глобус“ и со номинација за „оскар“. И актерската екипа доби многу пофалби, а извонредниот Вуди Харлсон беше номиниран за „оскар“. Корни Лав, пак, беше номинирана за наградата „златен глобус“, со што покажа дека освен за музика е талентирана и за глума. Посебен куриозитет на филмот е појавувањето на вистинскиот Лери Флинт во улогата на еден од судиите.

„Коса“ (1979)
Овој филм за Форман беше нов ризик, бидејќи истоимениот мјузикл беше толку популарен во театрите во светот, што сите мислеа дека ќе биде тешко приказната да се префрли на големото платно. Но публиката и денес ја обожава оваа хипи-приказна во верзијата на Форман, додека авторите на мјузиклот јавно се откажаа од неговата верзија.

„Човек на месечината“ (1999)
Џим Кери, кој го толкуваше ликот на авангардниот комичар Енди Кауфаман, собра многу пофалби и според критичарите ова е едно од најдобрите остварувања на Милош Форман.