„Фикшн“ пред сѐ е семејство, па бенд

116

Петар Ѓуревски (вокал), Виктор Захариев (гитара, придружни вокали) и Филип Андонов (гитара, придружни вокали) го сочинуваат бендот „Фикшн“. Теодор Теодосиевски (тапани) им се приклучува само за поголемите авторски настапи. Бендот е основан во 2016 година. Почнале како кавер-бенд со настапи низ Скопје и низ Македонија. Во 2017 г. ја објавија првата авторска песна „После дождот“. Лани освоија второ место и награда за најдобар гитарист за Виктор Захариев на „Рок-фест“. А со песната „Некој друг“ победија на „Лузер-фест“.

Велат дека „Фикшн“ пред сѐ е семејство, па бенд.
Врз звукот на „Фикшн“ имаат извршено влијание артисти од многу различни жанрови. Голема улога во трасирањето на нашиот музички пат има гранџот, потоа алтернативниот рок од крајот на 1990-тите, хардрокот од 1970-тите и 1980-тите години, но и електронската и хипхоп-музиката, фанкот, соулот и блузот.

– Инспирацијата ја црпиме од секојдневието, од сите убави и лоши работи што ни се случуваат нам, или околу нас, а сепак ги чувствуваме. Во свет како овој денес не е можно да немаме инспирација. Сепак, понекогаш имаме чувство дека инспирацијата нѐ пронаоѓа нас, а не ние неа. Сакаме оние што ја слушаат нашата музика и се пронаоѓаат во неа да знаат дека не се сами, без оглед на тематиката. За редовните кавер-свирки настапуваме како акустично трио. Оние што биле на наш настап знаат дека без оглед дали свириме за 30 или за 300 луѓе даваме сѐ од себе, до последна капка пот. Исто така и аранжманите, односно начинот на кој ги презентираме песните предизвикува интерес од публиката – ни споделија од „Фикшн“.

Велат дека настапите со авторска музика им се омилени.
– Чувството кога публиката ги пее песните што сме ги пишувале е незаменливо. Во моментов интензивно работиме на последните детали од нашиот најнов сингл, кој ќе излезе многу скоро. Во меѓувреме создаваме музика, и свириме, не ни е здодевно во секој случај. Во иднина ќе се фокусираме на снимање на нашиот прв студиски албум, тоа ни е приоритет број еден. Планираме и да направиме и авторска турнеја низ Македонија па и пошироко – додаваат од бендот „Фикшн“.