„Фестивал на стравот“ – хорор или не?

90

Љубителите на хорор-филмовите навикнати на гледање секакви ужаси, во филмот „Фестивал на стравот“ на режисерот Ари Астер нема да видат којзнае што, ама тоа не е никаков минус за ова остварување.

Астер, сценарист и режисер на фалениот хорор „Наследено зло“, најголем дел од страшните сцени остава надвор од кадарот, додека гледачите може да видат главно необични ритуали на една шведска паганска комуна и борба со тагата на главната хероина Дани (Флоренс Пу).

Дани оди во комуната со своето момче Кристијан (Џеј Рејнор) и се надева дека ова патување ќе ѝ помогне да закрепне од трагичната загуба на семејството, но и дека нивната врска повторно ќе заживее по тешкиот период. На патувањето друштво им прават тројца другари на Кристијан, кои ги канат да присуствуваат на редок настан што се случува во комуната на секои 90 години.

Протагонистите се вешто прикажани и нивните карактери влијаат на нивната судбина. Некои критичари не го сметаат филмот за вистински хорор, иако повремено се добиваат вознемирувачки сигнали.