Фестивалот „Таксират“ ја одбележува 20-годишнината со обемна програма

222
Неле Карајлиќ

Таксират-неделата почна во четвртокот со отворањето на петтото издание на музичката конференција „Пин“, а вечерта кулминира со настапот на Неле Карајлиќ во концертната сала во МКЦ

Најголемиот македонски зимски музички фестивал, „Таксират“, оваа година ја прославува 20-годишнината од своето постоење, а одбележувањето на дваесетката почна уште пред единаесет месеци со концерт на култните Германци „Крафтверк“, на почетокот на оваа година, по што следуваа и настапите на Словенците „Лајбах“, мултикултурниот бенд „Гогол бордело“, промоција на новиот албум на домашните хардкор-херои „Смат“, адхок-концертот на Ману Чао, кој се одржа пред само еден месец во МКЦ, и низа други настани во текот на изминативе месеци.
Завршниот, односно главниот дел од фестивалот „Таксират“, како и секоја година, се одржува кон крајот на ноември и почетокот на декември, во таканаречената таксират-недела, во која се одржуваат голем број настани. Повеќето од нив се случуваат во Младинскиот културен центар, додека, пак, повеќечасовното музичко финале е закажано за на 8 декември во салата „Борис Трајковски“.

Таксират-неделата почна во четвртокот со отворањето на петтото издание на музичката конференција „Пин“, а вечерта кулминира со настапот на Неле Карајлиќ во концертната сала во МКЦ.

Концертот на доктор Неле беше еден од најочекуваните, бидејќи тој последен пат во Скопје настапи пред повеќе од 20 години. Некогашниот водач на култниот бенд „Забрањено пушење“, и бајрактар на новиот примитивизам, и овој пат ја покажа својата музичка генијалност. Пеејќи ги хитовите на „Забрањено пушење“, како „Недеља кад је отишао Хасе“, „Ибро Дирка“, „Пишоња и Жуга“, „Зеница блуз“, „Жени нам се Вукота“, тој им ги врати спомените на повеќето генерации што живееја во едно друго време. Среќата сакаше Неле Карајлиќ да настапи во Скопје на 29 ноември, човекот што ја напиша и незаборавната „Дан републике“ и која стана еден вид заштитен знак на „Забрањено пушење“. Токму при изведбата на оваа песна, атмосферата беше најдобра, за да кулминира со „Гузоњин син“, „Дјевојчице којима мирише кожа“, која му ја посвети на авторот на оваа песна, неговиот брат кој почина само пред три недели.

Инаку, музичката конференција е една од најдобрите програми на „Таксират“, затоа што тука доаѓаат голем број домашни, но и странски музички работници, промотори, менаџери, претставници на големи светски фестивали, невладини организации, претставници на издавачки куќи… Тие учествуваат на дневните панел-дискусии каде што ги презентираат и ги пренесуваат своите искуства, но наедно и заеднички ги посочуваат и се обидуваат да најдат решенија за проблемите со кои се соочува домашната и европската музичка индустрија.

Конференцијата „Пин“, покрај дневните панел-дискусии, имаше и музички дел, кој се случуваше во вечерните часови и тоа на две сцени, во концертната сала во МКЦ и во киното „Фросина“. Тоа практично е еден вид претставување на музичките групи пред странските музички работници. Во тридневната музичка програма се претставија повеќе од 25 бенда од Словенија, Бугарија, Унгарија, Австрија, Германија, Турција, Хрватска, Словачка, Чешка, Франција. Покрај нив имаше и претставници од домашната сцена, меѓу кои Горан Трајкоски, „Стринг форсис“, „Дупер“, „Плутос даут“ и други. Најголем впечаток кај публиката имаа токму македонските претставници, но исто така таа покажа и голем интерес за бендовите за кои никогаш не слушнала, така што посетеноста на концертите на странските групи беше голема.

„Таксират 2.0“, ќе трае до 8 декември, а дотогаш на програмата се уште неколку настани. Вечерва се одржа концертот на домашниот хипхоп-изведувач Страјк, вечерва и утревечер во киното „Фросина“, ќе може да се проследи Рамбо Амадеус, кој доаѓа со својот уникатен проект наречен „Вечер на гломазна поезија“, со кој ја претставува својата поезија во придружба на клавирскиот маестро Иван Алексијевиќ-Панчевац. Во вторник во концертната сала ќе настапи светски познатиот метал бенд „Ет д гејтс“, в четврток на програмата е целовечерниот концерт на македонскиот индустријал-состав „Киборг“, додека, пак, петокот е резервиран за младите сили, односно натпреварувачкиот фестивал „Лузер-фест“, каде што ќе се претстават седум групи.

Победникот според гласовите од публиката ќе биде награден со снимање на својот прв студиски албум и негово објавување под капата на „Пасворд продакшн“, а покрај главната награда, „Таксират“ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер-фест“ во рамките на музичките фестивали кај нас, во регионот и низ Европа.

Финалето на „Таксират 2.0“ ќе се одржи в сабота во салата „Борис Трајковски“, каде што ќе настапат домашните „Културно-уметнички работници“, потоа шведскиот инди-рок состав „Мандо Диао“, францускиот „Нувел ваг“, босанскиот „Дубиоза колектив“, славниот бенд од Северна Ирска „Терапи“, македонските хард-кор херои „Смат“. Покрај нив тука се и македонската екипа „Трап д фак ап“, „САФ саунд систем“, американскиот битбокс-шампион Разел, како и австралискиот диџеј Пендулум. 


Концерт во тоалетот на МКЦ

Еден од најинтересните моменти беше концертот на словачкиот панк-бенд „Видрапена Бужирка Панк систем“, кој настапи во тоалетот на Младинскиот културен центар. Со тоа тие ја покажуваа ја својата храброст и идеја за наоѓање на алтернативни места за свирење, а наедно давајќи до знаење дека токму подземјето е природното место на алтернативната култура.