„Утринска алтернатива“ против „погрешното“ во музиката

135

Во Македонија постојат 100 активни авторски бендаи, на свирките доаѓаат во просек по 100-200 луѓе, а на поголемите фестивали максимум од 1.000 до 2.000 луѓе, вели Дими Тодороски, водителот на емисијата „Утринска алтернатива“ на Телма, посветена на алтернативната музика

„Утринска алтернатива“ е насловот на емисијата посветена на алтернативната музика, која се емитува секој четврток од 11 часот на Телма. Иницијатор е Дими Тодороски, чија цел е да даде простор да се промовираат алтернативната музика и бендови, а и пошироката јавност да слушне за овие бендови, да се запознае со оваа музика и генерално да ја издигне музиката на повисоко ниво.

– Сѐ почна запознавајќи се со околу 100 авторски бенда, преку работењето и слушањето на Канал 103, од 2013 година досега. Потоа, со Андреј Арсеновски го основавме фестивалот „Алтернативно Скопје“, кој досега има три изданија, и на него поминале над 20 бенда. Лани, со помош на Владица Младеновски од МКЦ, го направивме можеби најуспешниот проект, „Млади за Скопје“, каде што секој месец пронаоѓав нови млади бендови да свират на сопствен концерт во МКЦ. Целиот овој труд доби шанса да се претвори и реализира во телевизиска емисија, благодарение на Телма и на уредникот Сашко Ратковиќ. Поради политичката криза, овој проект седеше во фиока долго време, но дојде време да се оствари токму таму, бидејќи Телма, кога се во прашање културните содржини, е единствена телевизија – вели Тодороски.
Тој додава дека кај нас е тешко да сте млад човек со поинакви гледишта од другите, особено ако вашиот интерес е уметноста, квалитетната музика…

– Се соочувате со едно природно отфрлање од општеството, какво што е македонското, бидејќи во него царуваат сосема поинакви вредности. Меѓутоа, ние сме овде да дадеме знак дека постоиме, дека постојат многу бендови со суштина и квалитет, кои можат да променат многу животи доколку им се даде простор. „Утринска алтернатива“ служи токму за тоа, да бидеме први на фронтот против сѐ што е погрешно во културолошки поглед и да ставиме крај на кичот, шундот и турбофолкот – категоричен е Дими.
Според неговите статистики, во моментов во Македонија постојат 100 активни авторски бенда, на свирките доаѓаат во просек по 100-200 луѓе, а на поголемите фестивали максимум од 1.000 до 2.000 луѓе.

– Тоа за држава од два милиони жители е многу малку. Искрено, не ни имаме кому повеќе да му се доближиме, затоа што општеството нема слух за нас. На поединците им е многу полесно да слушнат некоја „боровница-песна“, за разлика од тоа сами да се потрудат и да пронајдат добра музика, особено македонска, малку подлабоко да ги анализираат текстовите, да се замислат, да прогуглаат за темите, да се запрашаат како нив ги допира тоа, а на крајот и самите да си истражат повеќе во себеси преку музиката. Ние не постоиме за да ѝ се наметнеме и доближиме на публиката, за да добиеме статичен добар фидбек, туку ние сме тука за публиката да се доближи до нас свесно, без разлика колку критики ќе добиваме. Не следиме трендови, не ги следиме афинитетите на луѓето, ја следиме само работата на бендовите и тоа го прикажуваме на телевизија – вали Дими.

Тој додава дека тоа што во МКЦ годишно се одржуваат по 300 концерти (македонски и странски), кои речиси секогаш се распродадени, кажува дека алтернативната сцена е жива и е активен двигател на животите на многу луѓе.

– Македонската алтернативна сцена во оваа декада го доживеа зенитот во 2012-2013 година. Тогаш излегоа повеќе од 120 авторски плочи. Во моментот трендот на правење нова музика а малку опаднат, но дека се твори нешто и дека тоа е квалитетно можете да видите преку годишните избори на најдобар албум во музичкото радио Канал 103, каде што минимум 30-40 нови албуми се рангираат во листи годишно. Можеби за благиот пад и интерес беше виновна политичката криза, но сѐ додека во Македонија има млади луѓе и сѐ уште не се преселени, рокенролот никогаш нема да го снема. Очекувам солиден прогрес во наредниот период – посочи Тодороски.