Утре почнува 16-от „Пиво фест“ во Прилеп

124

Завршија подготовките за 16-то издание на најголемата музичка манифестација во земјава – „Пивофест“ 2018, која почнува утре и ќе трае до 15 јули.

– Координативното тело кое се грижи за безбедноста на учесниците и посетителите на „Пивофест 2018“, а во кое има претставници на локалната самоуправа, Полициската станица – Прилеп, службата за Итна медицинска помош, Територијалната противпожарна единица, Агенцијата за храна, Центарот за управување со кризи и јавните комунални претпријатија, во континуитет заседава, a ќе биде активно се до завршувањето на фестивалот на пивото и скарата, со цел се да помине во беспрекорен ред- велат од општината.

На триесетина локации со вкупна површина од 4.176 метри квадратни на булеварот „Гоце Делчев“ ќе бидат наместени штандовите. Програмата е утврдена и таа, гарантира одлична забава за сите посетители, независно од нивната возраст и музички афинитети.

На утрешниот прв фестивалски ден ќе настапат домашните ѕвезди: Бени и Нон Стоп, Дани, Тони Зен и Кирил Џајкоски. Петокот е резервиран за настапите на Дарио, Ван Гог, Црвена јабука и Моссел. Во сабота настапуваат Фортисимо Бенд и Гоце Чоки, Некст Тајм, Џенан Лончаревиќ и главната ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. За последната, завршна вечер на „Пиво фест“ се предвидени настапите на Александра Јанева, Либеро бенд, Милица Тодоровиќ, а фестивалот ќе го затвори Шабан Шаулиќ.

И годинава за посетителите од другите градови, на Паркот на револуцијата ќе има организирано кампување и за сите нив ќе има појадок и топли напитоци, а ќе бидат обезбедени и туш кабини. Од јавното претпријатие ПУП, кое ќе се грижи за паркирањето на возилата, известуваат дека од досегашните 100 денари, паркирањето е намалено на 50 денари за еден ден.

Ка.М.