„Врбјанска чука“ ќе биде претставена на меѓународни конференции

180

Археолозите денеска ги завршија годинашниве истражувања на неолитскиот локалитет „Врбјанска чука“ во Кривогаштанско, неспорно потврдувајќи дека датира од пред 8000 години, а бројните наоди го вбројуваат во уникатните не само во Македонија, туку на Балканот и во Европа.

Локалитетот ќе биде претставен на конференции во Шпанија, Швајцарија и во декември во Македонија.

Според Гоце Наумов од Центарот за предисториски истражувања на Македонија, посебноста на локалитетот го привлекла вниманието на европските врвни стручаци.

– Посебно фасцинира фактот што за прв пат на овие простори се пронајдените органски отпечатоци на жито од пред 8000 години. Уникатни дефинитивно за Македонија, но и за балканскиот простор се големите стопански структури кои ги откриваме. Досега се седум кои пред сѐ се за чување жито, за обработка, подготовка и печење леб, бидејќи откриваме печки, амбари, сандаци. Специфична е и керамиката која има посебни форми и декорации, единствени за локалитетот „Врбјанска чука“. Сето тоа ние го публикуваме и го привлекува вниманието на стручњаците од Европа, појасни Наумов.

Лабораториските анализи на остатоците на житото ја потврдуваат староста на локалитетот во 5900 година пред нашата ера, или од пред 8000 години, а Пелагонија со почетокот на неолитот се издвојува како посебност, со карактеристики, уникатни и во светската археологија.

– Ги завршивме теренските истражувања. Локалитетот ќе биде презентиран на конференции во Шпанија, во Швајцарија, а во декември ќе организираме конференција и во Македонија. Тоа значи дека „Врбјанска чука ќе привлече уште повеќе внимание, а веќе има интерес од врвни стручаци од неколку универзитети од Европа. Имаме учество на стручњаци од Шпанија, Чешка, од Германија, Словенија каде се вршат лабараториски анализи. Имаме и конкретни понуди за соработка за наредната година. Тимот и бројот на стручњаците од Европа ќе се зголемат, а тоа ќе значи уште потемелно истражување, рече Наумов.

Потенцира дека лабораториски ќе се анализираат пронајдените примероци – органските остатоци, семињата, животинските коски, архитектурата, масните киселини, ќе се прават изотопски анализи на остатоците на животни, но и на човечки коски.

Истражувањата кои се прават во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп, потврдија голема активност на локалитетот „Врбјанска чука“ и во римскиот и во средновековниот период.