Уникатна музичка изведба на Тони Левин што се граничи со реалноста

159

Најголемата возбуда беше кога беа отсвирени песните од култниот британски бенд „Кинг кримсон“, кој се смета за основоположник на музичкиот правец прогресивен рок што се појави во втората половина на шеесеттите години

По одличната серија концерти во клубот „Станица 26“, меѓу кои оние на Јан Акерман,, Денис Чемберс, Скот Хендерсон, Стен Веб, „Софт машин“ и други, концертно-продукциската агенција „3 гонга“, завчеравечер ја продолжи својата работа со новата градска музичка сесија, на која настапи легендарниот музичар Тони Левин, заедно со својот бенд „Стикмен“. За Левин ова беше прво гостување во Македонија, на кое заедно со тапанарот Патрик Мастелото и со гитаристот Маркус Ројтер, понудија едно несекојдневно доживување. Со својот уникатен начин на свирење, познат како „тач гитар“, Левин и Маркус придружувани од убиствениот ритам на Патрик, ја покажа својата музичко-инструменталистичка супериорност.

Тоа што фасцинираше беше изборот на инструментите и начинот на свирењето. Иако Тони Левин е познат како басист, кој има соработувано со големи имиња од калибарот на Џон Ленон, Питер Габриел, Лу Рид, Дејвид Боуви, со групите „Пинк флојд“, „Кинг кримсон“ и многу други, во изминативе години тој стана препознатлив по електричниот дванаесетжичен инструмент чапмен-стик на кој свири со допирот на прстите од двете раце. Со тоа тој произведува безвременски звук со различни тоналитети и бои, а наедно се добива чувство дека истовремено свири и на бас и на гитара. Во ист стил свири и неговиот колега Маркус Ројтер, чија гитара, која сам си ја дизајнирал, е со осум жици. Кога на сето тоа ќе се додаде и неверојатниот талент на тапанарот Патрик чие чувство за ритам е доведено до совршенство, се добива конгломерат на звуци, кои предизвикуваат возбуда дури и кај најголемите скептици.

Во текот на двочасовниот концерт, слушнавме песни од албумите на „Стикмен“, но и голем дел од темите што Левин ги свиреше со други познати групи. Секако најголемата возбуда беше кога беа отсвирени песните од култниот британски бенд „Кинг кримсон“, кој се смета за основоположник на музичкиот правец прогресивен рок, кој се појави во втората половина на шеесеттите години на минатиот век. Овој блок од концертот беше и највпечатлив, затоа што тука се виде нивниот квалитет како импровизатори, кои својата енергија ја насочуваат исклучиво кон музиката што ја чувствуваат и ја издигнуваат на многу повисоко ниво.

За збогатување на атмосферата се потруди и нашиот состав „Стринг форсис“, кој свиреше пред настапот на „Стикмен“. Интересно е тоа што и еден од членовите на „Стринг форсис“, Дориан Јовановиќ исто така свири на инструмент чапмен-стик. За оваа пригода, групата подготви репертоар во кој беа вклучени песни од нивните пет албуми, но и некои комплетно нови, кои наскоро треба да бидат објавени на новото максисингл-издание.

Сѐ на сѐ, концертот на „Стикмен“, предводен од легендарниот Тони Левин, помина во еуфорична атмосфера, каде што луѓето присуствуваа на уникатна музика изведба што се граничи со реалноста. Меѓу публиката имаше голем број македонски музичари, пред сѐ гитаристи, меѓу кои и Влатко Стефановски, кои дојдоа на поклонение пред генијалецот Тони Левин.