Умеам да се радувам, тоа е причината за мојата насмевка

86
Фото: Фросе Левковска

НАТАША КРСТЕВСКА-МИЈАТА, КАНТАВТОРКА

Поминувам низ силна креативна фаза и непредвидливо е до кога ќе трае, затоа треба да се искористи максимумот, вели Мијата,

Кантавторката Наташа Крстевска-Мијата, со преработката на некогашниот хит на групата „Бубамара“ – „Бај, бај“, ја почна работната есен. По земјотресот што ни го приреди со енергичната „Полетај“, во рок-фазон, повторно ја слушаме во една анплагд-верзија, која по малку потсетува на нејзините почетоци од пред петнаесетина години, кога сите нѐ освои со песната „Верувам во себе“, за која вели дека ѝ го обележила животот. „Оваа песна ја отсликува мојата личност, го покажува детето во мене, женската страна, но и правдољубието, воинствената природа и гордоста“, вели Мијата. Таа почна да ги снима песните што ќе се најдат на новиот албум, кој ќе биде стилски шаренолик, но сепак ќе го има нејзиниот препознатлив печат.

Зошто се решивте да снимите своја верзија на „Бај, бај“, која своевремено ја напиша Драган Каранфиловски-Бојс?
– „Бај бај“ е песна што не е авторски моја, но толку интимно ми буди емоции што едноставно морав да ја персонализирам со своја изведба. Дури и оригиналната верзија на „Бубамара“ мене во главата ми звучела како оваа новата. Сакам да им се заблагодарам на сите учесници (Дамир Пух и Наташа Миха за аранжманот, Александар Пешевски за усната хармоника, девојките од спотот Теодора Гошева и Андреа Мирческа, Јован и Мето Лесански, како и Аце Бошковски што го снимија и измонтираа во рекордно време видеото), но пред сѐ ѝ благодарам на сопругата на Бојс, Софија Каранфиловска, која ме поддржа во мојата идеја и ми даде одобрение за преработка. Идејата за спотот беше моја, локацијата е празниот базен на „Плаја виста“ на Кале, а за време на монтажата на претходниот спот „Полетај“ во продукцијата „Мелем“, која е сместена во близината, почна да се крчка идејата.

Изминатава година бевте неуморна, постојано снимавте, баравте нови начини како да ни покажете што сѐ знаете умеете, а пред сѐ чувствувате. Дали е ова ваше креативно време и имате ли намера наскоро да нѐ изненадите со нешто ново и необично?
– Точно е, поминувам низ силна креативна фаза и непредвидливо е до кога ќе трае, затоа треба да се искористи максимумот. Мене идеи никогаш не ми недостигале, но времето слободно за реализација, секогаш ми било послаба алка. Изминатата година беше многу динамична музички за мене, почнувајќи со кабаре-перформансот „Јаболки и круши за уметнички души“, па снимањето на „Полетај“ и еве сега „Бај, бај“.

Дали новиот албум на кој работите ќе биде концептуална приказна, во стилот на проектот „Јаболки и круши за уметнички души“ или, пак, песни во повеќе стилови, обединети со вашиот глас и емоција?
– Овие две песни, „Полетај“ и „Бај, бај“, се од новиот албум, кој е во процес на изработка. Мислам дека овој носач на звук ќе биде стилски разнолик, а песните ќе ги обедини мојата интерпретација. „Јаболки и круши…“ е независен проект, кој и понатаму ќе можам да го изведувам на некои автентични локации низ нашата земја или на културните лета низ градовите.

Сега, кога конечно ги раширивте крилјата, како да ви станува претесен македонскиот музички простор. Впрочем, пред 15 години вие почнавте да се пробивате во едно меѓународно шоу. Размислувате ли да снимате на англиски јазик?
– Неколкупати во кариерата имав шанси да го развивам мојот музички потенцијал во странство. Но од приватни причини не го направив тоа. И не згрешив… На првиот албум „Небеска“ пеам неколку песни на англиски јазик, дури и една на француски. Тоа се песни за кои не сум сакала да направам компромис и сум ги оставила во нивната изворна форма. Но свесна сум дека тоа не поминува кај нашите слушатели. Иако македонската забавна музика се мачи да заземе сериозна позиција во етерот, далеку ѝ е пиедесталот.

Ви се случува ли и самата себеси да се изненадите од креативниот порив што го почувствувате, од желбата да настапувате, да комуницирате со публиката?
– Иако обврските сакаат да ме поклопат, се мачам да најдам време за музичко творештво и настапи. Дури намалив на спиење за да остане време за музика, зашто во моментов музиката ми значи повеќе од сонот. Во последно време почнав и да настапувам со свое трио (Ајхан Куртов на клавијатури и Ратко Даутовски на кахон) и секоја песна од нашиот репертоар, било авторска или не, е грижливо избрана со љубов и ми причинува големо задоволство кога ја изведувам.

Секоја ваша песна е приказна, во која се спојува и неспоивото?
– Мајка ми уште на првите мои објавени песни знаеше да искоментира дека биле како три песни во едно (ха, ха). Беше искрено загрижена дали на луѓето ќе им се допадне моето творештво. Но јас знам дека кога си искрен во музиката, слушателите ти возвраќаат. Во модата постои еден збор што го опишува стилот што комбинира повеќе стилови – еклектичен. Јас создавам еклектична музика. Моето експериментирање не е тенденциозно и наменско, туку спонтано и природно за мене. Тоа е рефлексија на начинот на кој јас ја доживувам музиката и како слушател.

Со кого би сакале да соработувате или можеби да снимите дует?
– На новиот албум сакам да имам дуетска песна со Неша Милосављевиќ од групата „Галија“. Дали ќе успеам, ќе видиме наскоро.

Ретки се луѓето како вас, кои толку искрено и без задршка прават сѐ во животот. Ви пречат ли оние ситни души околу нас на кои им пречат туѓиот успех, ведрина, сјај во очите?
– Завидливоста е здрава емоција ако се користи за поттик за лично унапредување. Менталната матрица кај нас е хејтерска, зашто луѓето се мрзеливи да работат на себе. Полесно им е да плукаат по другите. Но и тоа не ми пречи… Најмногу ме загрижува рамнодушноста.

На што најмногу сакате да ги научите своите деца, синот и ќерката, и дали им се допаѓа музиката што ја создавате? Талентирани ли се за некоја уметност?
– За моите деца посакувам да бидат среќни и да си го пронајдат талентот со кој се благословени. Велат, сѐ се учи, а уметник се раѓа. Јас за себе можам само да се заблагодарам што музиката ми беше подарена да ме чува и да ме следи секојдневно и никогаш што не ме напушти досега. Дали моите деца ќе се одлучат за музички пат, ќе покаже времето. Генерално, им се допаѓа мојата музика и се првите слушатели и критичен филтер пред да ја пуштам песната во етер.

Насмевката е ваш заштитен знак и често го краси вашето лице.
– Умеам да се радувам, тоа е причината за мојата искрена насмевка.