„Убер“ го претстави новиот изглед на дронот за достава на храна

169

„Убер“ се подготвува за тестирање на својата нова услуга за доставување храна со дронови, која ќе биде достапна на сервисот „Убер итс“ во Сан Диего наредната година. „Убер“ го претстави новиот изглед на својот дрон, кој користи иновативни ротирачки крила со шест пропелери, за да се овозможи подобар пренос помеѓу вертикалното полетување и летот.

Ротирачките крилја се присутни кај прототипите на летачките автомобили, но многу ретко кај беспилотните летала. Пропелерите се позиционираат вертикално за време на полетувањето и слетувањето, но може да се ротираат напред за да направат дронот да се движи побрзо и поефикасно за време на летот.

Ротирачкото крило е слично на она што го дизајнира ветеранот на НАСА, Марк Мур, за прототип на летачко такси. Беспилотните летала и такси-возилата се проекти според планот „Убер елевејт“, чија мисија е да транспортираат и испорачуваат. Тестирањата на летачките такси се планирани за 2020 година, а комерцијалното пласирање за 2023 година.
Во случајот со новиот дрон тој има капацитет да пренесе оброк за двајца. „Убер“ известува дека дронот претрпел завршна анализа на дизајнот и дека првиот лет се очекува пред крајот на годината. Претходно оваа година, Федералната управа за авијација му даде дозвола на „Убер“ да почне со тестирање на дроновите во Сан Диего.

Беспилотното летало е дизајнирано да ја испорача доставата за осум минути, вклучувајќи пакување и подигање на пратката. Опсегот на дронот со пратката изнесува нешто повеќе од 19 километри, а без пратка околу 30 километри. Дронот може да лебди во воздух и во услови кога дува ветер со брзина до 50 километри на час.
Технологијата за беспилотните летала се развива со голема брзина, а минатата недела компанијата „Винг“ почна да ги користи своите дронови за испорака на храна во Вирџинија. Амазон и УПС исто така спроведуваат експерименти.