Туристите виновни за глобалното затоплување

575

Најновото истражување на Универзитетот на Сиднеј наведува дека домашниот и меѓународниот туризам претставуваат причина за осум отсто од емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, што е четирипати повеќе од претходните предвидувања.

Според претходни проценки, туризмот создава 2,5 до три отсто од светските емисии на штетни гасови.

Најмногу поради домашниот туризам штетни гасови се регистрирани во САД, Кина, Германија, Индија, Мексико и Бразил. Истражувањето опфати 160 земји во светот.

Со летовите, храната, па дури и продажбата на сувенири, е емитуван еквивалент од 4,5 милијарди тони јаглерод-диоксид во 2013 година, што е осум отсто од вкупното количество штетни гасови. За споредба, во 2009 година таа бројка изнесувала 3,9 милијарди тони.

Но, туризмот е во постојан пораст, а тоа значи, пред се – зголемен број авионски летови. Се очекува вкупниот број на патници двојно да се зголеми и да достигне 7,8 милијарди годишно до 2036 година, соопшти Меѓународната асоцијација за авиосообраќај.

Според овој тренд, туризмот како индустрија ќе емитува 6,5 милијарди тони јаглерод до 2025 година.

– Препорачуваме помалку летови и поголемо присуство на земја, доколку е можно користење на јавен превоз, изјави д-р Арунима Малик, физичарка од Сиднеј, и дел од тимот што го спровел истражувањето.

Предводникот на тимот, Манфред Лензен додава дека, за таа цел, можеби би требало цената на авионските карти да биде повисока.