„Трите писма од Сараево“ на Бреговиќ прочитани и во Скопје

227

Трите концерти за виолина, отсвирени од Гершон Лејзерсон од Израел, Зиед Зуари од Тунис и од Мирјана Нешковиќ од Србија, ја пренесуваат универзалната пораката на ова музичко дело дека единственото нешто што ни преостанува како долг кон планетата е судирите да ги претвориме во пријателство и соработка

На денот кога наполни 69 години, 22 март, Горан Бреговиќ во арената „Борис Трајковски“ првпат во Скопје го изведе своето последно, најуспешно музичко дело, „Три писма од Сараево“, придружуван од Македонската филхармонија под диригентство на Сашо Татарчевски, машка и женска пејачка група и неговиот Оркестар за свадби и погреби.

Како и што е ред, музичарите од Филхармонијата на почетокот на славеникот му ја отсвиреа роденденската песна „Happy birthay“, а потоа почна да тече приказната за трите писма од нeговото родно Сараево, албум што беше меѓу најпродаваните во светот минатата година, што доби фантастични критики во најпрестижните светски весници, а концертно е претставен во голем број светски метрополи.

Иако арената не беше сосема полна, а барем што се однесува до првиот дел од концертот можеби најсоодветно место ќе беше салата на Македонската филхармонија, ги слушнавме трите концерти за виолина, отсвирени од еврејски, виолинист од Тунис и од Србија: Гершон Лејзерсон, Зиед Зуари и Мирјана Нешковиќ, на ова музичко дело со универзална порака дека единственото нешто што ни преостанува како долг кон планетата е судирите да ги претвориме во пријателство и соработка. Музиката што ја слушнавме не само што има таква порака, туку и звучи универзално. Во еден фантастичен микс се испреплетени многу времиња, стилови, звуци, но со мајсторството на Бреговиќ се постигнати невидени усогласеност и хармонија, кои му годат на увото, но и замислуваат, растажуваат, а истовремено и воздигнуваат.
Без сомнение во петокот Бреговиќ во Скопје се претстави во најдобро светло досега, некако поинаков, комуницирајќи со публиката и со музичарите, иако како врвен перфекционист, бараше совршенство и максимално се трудеше да го постигне звукот што го посакува.

Музичарите од Македонската филхармонија, и овој пат дадоа сѐ од себе, заедно со извонредниот диригент Сашо Татарчевски, да нѐ пренесат во музичкиот свет и пораките на „Три писма од Сараево“, а тројцата виолинисти, секој на свој начин, претставувајќи го еврејското, муслиманското и христијанското писмо, покажаа дека колку и да звучи различно виолината нејзиниот плач допира до сите, како и нејзините грмотевици и нежни тонови.

Секако кога засвиреа тројцата заедно бевме сведоци на еден звук, кој на најубав начин ни ја пренесува пораката на овој проект дека, како што вели авторот Бреговиќ, тој како композитор може да замисли дека „светот еден ден ќе биде како музичка партитура во која се штима, и ниските ноти заедно со високите, кратките со долгите, форте со пијано“.

Аплаузите на публиката и нејзиното внимание со кое го следеше концертот, со исклучок на оние што едвај го чекаа вториот дел, за да ги слушнат своите омилени („Edeerlezi“, „Калашников, „Bella ciao“…) уште повеќе го мотивираа славеникот Брега.
По два часа свирење, па и пеење со публиката, но „без ракоплескање ве молам“, по двата биса, Бреговиќ, сепак, одлучи да исполни уште неколку песни бидејќи, како што рече „мене некако не ми се оди дома оваа вечер“.

И на крајот по двете изведби на „Калашников“, и извиците на Бреговиќ дека „кој не полуди тој не е нормален“, заврши оваа убава пролетна, роденденска вечер во која слушнавме и видовме нешто многу поразлично од сето она што сме го слушнале од овој голем композитор, единствениот добитник на престижното „греми“ од Балканот, кој не задолжи со многу хитови. Несомнено, светот ќе го памети и по класичните дела, кои, сепак, го имаат неговиот препознатлив звук, кој мириса на музиката од целиот свет, но најмногу на ова наше балканско поднебје.