Триесет илјади посетители годинава на „Д фестивал“

106

Деветтото издание на „Д фестивал“, единствениот летен музички фестивал во земјава што се одржува во Дојран од 12 до 16 јули, според организаторите, е најуспешно досега. Низ фестивалските порти поминаа околу 30.000 посетители, кои пристигнаа од 15 земји, остварувајќи го новиот рекорд на фестивалот.

– Фестивалскиот камп годинава заблеска во полн сјај и капацитет и пред официјалниот почеток на програмата беше преполн. Огромниот интерес што го предизвика „Д фестивал“ резултира и со исполнетост на целосниот капацитет на сите бини и зони на фестивалот, кои, пак, ја донесоа и најобемната програма, со шест музички бини и над 20 фестивалски зони за програма што се одвиваше буквално без престан во изминатите три дена. Само во музичката програма, „Д фестивал“ беше домаќин на повеќе од 50 музички ѕвезди, но и на двојно повеќе уметници и перформанси, кои пристигнаа со повеќе од 20 здруженија во „Плошт арт зоната“ во срцето на фестивалскиот камп – велат организаторите.

Имајќи го тоа предвид, годинава е невозможно да се издвои кој било дел од програмата како најпосетен или најатрактивен, бидејќи буквално секој дел од фестивалот беше постојано исполнет до својот максимум, со најпозитивна атмосфера и восхитувачки настапи.

– Единствено можеме да го издвоиме целокупното доживување како фантастична тридневна авантура, која во славењето на фестивалскиот дух, на уникатен начин ги спојува музичките перформанси, уметностите и креативните индустрии во несекојдневна сплотеност со секој посетител – посочуваат првите луѓе на „Д фестивал“.

Одлични фестивалски настапи имаа: Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, париското хит-дуо „Офенбах“, Џенгиз Ибрахим, фантастичните „Ноисиа“, Махмут Орхан, „Дисциплина кичме“, „Фолтин“, „Порто морто“, „Паркети“, Том Нови… Годинава програмата беше збогатена и со „Фемили деј“, наменет за млади по дух, а имаше и многу работилници, изложби, дебати и перформанси.