Трагање по богатство низ ѓубрето на милијардерите

297
Џејк Орта пребарува низ отпадоците во кантата на Марк Закерберг

Бездомниците во Сан Франциско заработуваат пари од ѓубрето на милијардерите. Во близина на куќата на основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, вредна десет милиони долари, во мал еднособен стан преполн со отпад, живее Џејк Орта, човек кој заработува од отпадот на милијардерите во Сан Франциско, пренесува „Њујорк тајмс“.

Кацига за велосипедисти, правосмукалка, фен и машина за правење кафе се некои од предметите кои се наоѓаат во неговиот стан, а сите се во исправна состојба и работат. Покрај нив има и торба со облека. Сето тоа е донесено од кантата во која Марк Закерберг фрла отпадоци.

Орта е воен ветеран кој останал бездомник и живее во стан кој му го доделила државата. Неговата жена го напуштила, а исто така имал проблеми со алкохолизмот. Тој преживува како пребарувач на отпадоци во т.н. „подземната економија“ на Сан Франциско, сочинета од луѓе кои заработуваат од пребарувањето низ кантите на милијардерите, во потрага по предмети кои можат да им донесат заработка. Орта за себе вели дека се гледа како ловец на богатство.

– Ме фасцинира какви сѐ работи фрлаат луѓето. Никогаш не се знае на што може човек да налета – вели Орта.

Тој неодамна нашол речиси нови фармерки, палто, патики и исправна пумпа за велосипеди. Целта на Орта е да заработува од 30 до 40 долари дневно за да преживее.

Денот на Орта започнува кога се зазорува. Тој ги одминува богатите и раскошни куќи, но речиси не ги ни забележува. Опремен со џебна светилка, ги обиколува кантите со отпад. Неговите пријатели го нарекуваат „наоѓачот“.

– Првото правило на пребарувањето во отпадот е да се осигурите дека нема ракуни и други животинчиња – објаснува Орта.

Минатиот месец тој најде кутија со сребрени пехари и чинии, телефони, неколку ајподи и три рачни часовници. Животот во Сан Франциско е динамичен и честопати луѓето пребрзо се заситуваат од работите кои ги имаат, па решаваат да се ослободат од нив.

Ник Марзано, австралиски фотограф кој ги документира активностите на пребарувачите на отпад во Сан Франциско, тврди дека во градот има неколку стотици луѓе кои се занимаваат со оваа дејност.

Тој овие луѓе ги гледа како претприемачи, бидејќи ги собираат употребливите предмети и ги препродаваат на импровизирани мали пазарчиња, кои се појавуваат на тротоарите. Тоа обично се случува на улицата „Мишн“ или на поформалниот маркет кој го одржуваат на авенијата „Џулијан“ секоја сабота. На овој начин, ваквите предмети не завршуваат на депониите.

Џејк Орта (десно) продава дел од предметите што ги наоѓа

Понекогаш се случува Орта да налета на предмети кои не би ги продал. Таков е случајот со колекција весници од целиот свет, од времето на Втората светска војна.

– Секогаш се прашувам зошто некој би фрлил нешто толку вредно – вели Орта.